Пребарување

Il Papa ai Paesi in guerra, fermatevi per negoziare

Обраќање на папата Фрањо пред молитвата Царице небесна

Донесуваме целосен превод од обраќањето на Светиот Отец за време на молитвата Царце небесна, во недела на Божјото милосрдие, 7 април 2024 година.

Драги браќа и сестри, имајте убава недела!

Денеска во Втората Велигденска недела, која свети Иван Павле II. ја нслови Недела на Божјото милосрдие, во Евангелието (сп. Иван 29,19-31) ни препорачува, верувајќи во Исус, Синот Божји, можеме да имаме вечен живот, во негово име (р. 31). „Да имаме живот“: што значи тоа?

Сите сакаме да имаме живот, но постојат различни начини да се дојде до него. На пример, има и такви кои своето постоење го сведуваат на френетична трка за уживање и поседување многу нешта: јадење и пиење, забави, трупање пари и работи, доживување силни и нови емоции и така по ред. Тоа е пат кој на прв поглед изгледа пријатен, но не го задоволува срцето. Тоа не е патот за да се „има живот“, бидејќи следејќи ги патиштата на задоволството и моќта, среќата не се наоѓа. Имено, многу аспекти на постоењето остануваат неодговорени, како што се, на пример, љубовта, неизбежните искуства на болка, ограниченост и смрт. И, со тоа, останува еден неостварен сон што ни е заеднички на сите: надежта дека ќе живееме вечно, дека ќе бидеме сакани без крај. Во денешното Евангелие се вели дека оваа полнота на животот, на која е повикан секој од нас, се остварува во Исус: Тој ни ја дава оваа полнота на животот. Но, како да се дојде до таму, како да се стекне тоа искуство?

Да погледнеме што се случило со учениците во Евангелието. Го доживуваат најтрагичниот момент во својот живот: по денови на маки, се затворени во Салата на Последната вечера, преплашени и обесхрабрени. Воскреснатиот ги сретнува и првото нешто што го прави е да им ги покаже своите рани (сп. р. 20): тие биле знаци на страдање и болка, можеле да предизвикаат чувства на вина, но со Исус стануваат канали на милост и простување. Така, учениците со свои раце гледаат и чувствуваат дека со Исус животот победува, секогаш смртта и гревот се победуваат, со Исус. И тие го добиваат дарот на неговиот Дух, кој им дава нов живот, како сакани деца - животот на сакани деца - исполнет со радост, љубов и надеж. Те прашувам: имаш ли надеж? Секој нека се запраша: „Каква е мојата надеж?“.

Еве како да постигнеме да „имаме живот“ секој ден: доволно е да го насочиме погледот кон распнатиот и воскреснат Исус, да го сретнеме во Светите Тајни и молитвата, да го препознаеме како присутен, да веруваме во него, да нè допре неговата благодат и да бидеме водени од неговиот пример, да ја доживееме радоста што се вкусува кога сакаме како што тој сака. Секоја средба со Исус, живата средба со Исус ни овозможува да имаме повеќе живот. Да го бараме Исус, да си дозволиме да се сретнеме - затоа што Тој нè бара - да го отвориме срцето за да се сретнеме со Исус.

 

Меѓутоа, да се запрашаме: дали верувам во силата на Исусовото воскресение, дали верувам дека Исус воскресна? Дали верувам во неговата победа над гревот, стравот и смртта? Дали изградив однос со Господ, со Исус? И дали му дозволувам да ме поттикне да ги сакам моите браќа и сестри и да се надевам секој ден? Сите нека размислуваат за тоа.

Марија нека ни помогне да имаме уште поголема вера во Исус, воскреснатиот Исус, за да „имаме живот“ и да ја шириме радоста на Воскресението.

08 април 2024, 08:47

Што е Царице небесна?

Антифонот Царице небеска (Regina Caeli) е еден од четирите маријански антифони (другите се Alma Redemptoris Mater, Ave Regina Coelorum и Salve Regina).

Папата Бенедикт XIV, во 1742 година, ја пропиша офаа молитва да се моли наместо Ангел Господов, како знак за победа над смртта, за време на Воскресното време, односно од неделата на Воскресение до денот на Педесетницата.

Како и Ангел Господов, и оваа молитва се моли трипати на ден: наутро, напладне и на зајдисонце, и на тој начин денот го посветуваме на Бог и на Марија.

Овој многу стар антифон датира, според една побожна традиција, од VI или X век, додека нејзиното распространување е документирано во XIII век, кога станува дел од Фрањевскиот часослов. Молитвата се состои од четири кратки стихови од кои секој завршува со Алилуја, и истата претставува молитва што верниците ја упатуваат до Марија, небесната Царица, и така заедно со неа се радуваме за Воскресението.

Папата Фрањо, на 6 април 2015 година, токму за време на молитвата Царице небесна на вториот ден од Велигден, даде совет за тоа каква треба да биде состојбата на срцето кога се моли оваа молитва:

„ ...Се обраќаме кон Марија поканувајќи ја да се зарадува, бидејќи Оној што го носеше во утробата воскресна како што вети и така се доверуваме на нејзиното застапништво. Всушност, нашата радост претставува еден отсјај на радоста на Марија, бидејќи Таа е онаа што ги зачувала и ги чува со вера настаните на Исус. Значи, ја молиме оваа молитва со чувство на деца кои се среќни, бидејќи нивната Мајка е среќна“.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >