Пребарување

Il Papa reciter� l'Angelus da cappella Casa Santa Marta

Ангел Господов: Повикани сме да покажеме сочувство и милосрдие

Папата Фрањо во своите размислувања за време на молитвата Ангел Господов во недела на 26 ноември 2023 година, на празникот Христос Цар потсети дека сме повикани да покажеме сочувство, милост и нежност, критериумите според кои Господ ќе ни суди. Закрепнувајќи од симптомите слични на грип, Папата ја предводеше молитвата Ангел Господов од неговата резиденција во Домот Света Марта во Ватикан

Закрепнувајќи од симптомите слични на грип, папата Фрањо ја предводеше молитвата Ангел Господов од неговата резиденција во Домот Света Марта во Ватикан, наместо од прозорецот на неговата работна соба во Апостолската палата, од каде што вообичаено ја предводи неделната молитва. Монсињор Паоло Браида, шеф на Канцеларијата во Државниот секретаријат, ги прочита размислувањата на Папата пред молитвата Ангел Господов и дополнителните накани на Папата по молитвата.

Ходочасниците и посетителите кои се собраа на плоштадот Свети Петар учествуваа во молитвата Ангел Господов преку видеоекран на кој се емитуваше обраќањето на Папата. Во саботата, Папата ги откажа закажаните аудиенции поради симптоми слични на грип. Вчера попладне ја посети римската болница Гемели каде му беше извршен преглед на белите дробови, кое беше негативно за било каков ризик од белодробни компликации.

Празник на Христос Цар

Во својот подготвен говор, Папата потсети на празникот Исус Христос, Цар на целото создание - последната недела од литургиската година - кога Евангелието ни зборува за Страшниот суд, нагласувајќи дека тој ќе се заснова на нашата грижа за другите преку милосрдие и љубов.

Небесни критериуми

Потсетувајќи на сликата опишана во Евангелието за царската сала во која Исус седи на престолот, а сите народи во светот се собрани пред Неговите нозе, Папата рече дека пријателите на царот биле прикажани благословени. Тоа се оние кои ги хранеа гладните, се грижеа за болните и сиромашните и ги посетуваа затворениците.

Ова е во целосна спротивност, истакна Папата, со празните земни критериуми. Пријателите на царот би требало да бидат оние кои му дале богатство и моќ, кои му помогнале да освои територии, да победи во битки, кои го направиле голем меѓу другите владетели или, можеби, „ѕвезда“ на насловните страници или на социјалните мрежи, а тој би требало да им каже: Ви благодарам, бидејќи ме направивте богат и славен, оној на кој му завидуваат или што влева страв во коските на другите. Ова е според светските стандарди, коментира Римскиот бискуп.

Да се помогне на другите

Според Исусовите критериуми, продолжи Папата, пријатели се другите: оние кои служат на најслабите. Тоа е затоа што Синот Човечки е сосема поинаков Цар, кој сиромасите ги нарекува свои браќа, кој се поистоветува себеси со гладните, жедните, странците, болните, затворениците и вели: Доколку сте го направиле на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле

Господ, нашиот Цар, е чувствителен на проблемот со гладот, потребата за дом, болеста и затворот, истакна Светиот Отец. Сето тоа се реалности кои за жал секогаш се многу актуелни, истакна Папата. Нашите улици се полни со гладни, бездомници, често слабо облечени: ги среќаваме секој ден. Што се однесува до болеста и затворот, сите знаеме што значи да се биде болен, да згрешиш и да ги сносиш последиците по нив, нагласи тој.

Сочувство и милост

Евангелието нагласува дека сме блажени ако покажуваме милосрдна љубов со нашето служење на луѓето на кои им е потребна нашата помош и друштво, не игнорирајќи ги или отфрлајќи ги, туку обезбедувајќи им храна, пијалок, облека, засолниште и дружење, истакна папата Фрањо. Тоа се пријателите на Царот, бидејќи се истакнуваат следејќи го Неговиот пример со сочувство, милосрдие, нежност. Тие го облагородуваат срцето и слегуваат како елеј врз раните на ранетите од животот, рече Римскиот епископ.

Во своето размислување, Папата препорача секој од нас да го преиспита сопствениот живот и да го препознаеме и да веруваме на важноста на милосрдието, силата на љубовта и дека милосрдието е многу потребно за нас верниците. Посочи дека треба да се запрашаме дали сме пријатели на Царот, односно дали се чувствуваме лично вклучени во потребите на луѓето кои страдаат што ги среќаваме на нашето животно патување.

Марија, царицата на небото и земјата, нека ни помогне да го сакаме Исус, нашиот Цар, во неговите најмали браќа.

29 ноември 2023, 10:21

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >