Пребарување

PALESTINIAN-ISRAEL-CONFLICT

Папата по молитвата на Ангел Господов: Војната е секогаш пораз

Светиот Отец во недела, 22 октомври 2023 година, по молитвата Ангел Господов повика на прекин на сите воени судири. Папата посебно мисли на народите во Израел, Палестина и Украина. Тој повика на итна испорака на хуманитарна помош во Појасот Газа и ослободување на заложниците и потсети на денот на постот и молитвата што ќе се одбележи во петок, 27 октомври.

Војната, секоја војна, секогаш е пораз, уништување на човечкото братство. Во своето обраќање до верниците собрани на плоштадот Свети Петар по неделната молитва на ангелскиот поздрав, на 22 октомври, папата Фрањо уште еднаш упати апел сите оружја да замолчат.

Апел за хуманитарна помош и ослободување на заложниците

Светиот Отец посебно мисли на народите на Израел и Палестина: Многу сум загрижен и тажен, се молам и ја изразувам својата близина со сите оние кои страдаат, заложниците, повредените, жртвите и нивните семејства , рече Папата.

На редовната Генерална аудиенција одржана во среда, на 18 октомври, мислите и молитвите на папата Фрањо беа подеднакво насочени кон сериозната хуманитарна ситуација во Појасот Газа, како и на насилството што ги зафати во последните денови христијанските места во таа област.

Ме ражалости што англиканската болница и грчката православна парохија беа погодени во последните денови. Повторно повикувам да се отворат простори, да се продолжи со доставување хуманитарна помош и да се ослободат заложниците, апелираше денеска Светиот Отец.

Ден на пост, молитва и покајание

Римскиот бискуп потсети дека во петок, 27 октомври, ќе се посвети на пост, молитва и покајание, а со почеток во 18:00 часот ќе се одржи молитвен час посветен за мирот во светот во базилилата Свети Петар.

Војната, сите војни во светот, мислам и на страдалната Украина, се пораз . Војната е секогаш пораз, таа е уништување на човечкото братство. Браќа, престанете! Престанете!, рече папата Фрањо.

 

23 октомври 2023, 10:32

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >