Да му помогнеме на населението кое е веќе многу исцрпено
Покрај тагата за насилството што се случува на Блискиот Исток, папата Фрањо ја изрази и својата загриженост за Авганистан, кој на 7 октомври беше погоден од силен земјотрес и каде земјата продолжува да се тресе. На крајот од Генералната аудиенција во среда 11 октомври 2023 година одржана на плоштадот Свети Петар, Папата поттикна на молитва за сите оние кои страдаат од глад, неправда и војна, особено за саканата и напатена Украина, а посебни мисли упати за авганистанското население, за народот - како што рече – кој страда по силниот земјотрес што го погоди, предизвикувајќи илјадници жртви, меѓу кои и многу жени, деца и бегалци.
За да се ублажи страдањето на луѓето
Папата ги охрабри сите луѓе со добра волја да му помогнат на овој народ кој е веќе толку измачуван, придонесувајќи во духот на братството да се ублажат страдањата на луѓето и да се поддржи потребната обнова.
Повеќе од 3000 мртви
Во саботата, на 7 октомври, силна серија земјотреси со јачина меѓу 4,6 и 6,3 степени според Рихтеровата скала ја опустоши провинцијата Херат, израмнувајќи 20 села и предизвикувајќи околу 3.000 загинати и речиси 10.000 повредени, според првите проценки објавени од талибанскиот режим во Кабул преку органите за управување со вонредни состојби. Епицентарот се наоѓал недалеку од Зинда Јан, на оддалеченост од околу 55 километри североисточно од градот кој се наоѓа во долината на реката Хари, во центарот на провинцијата Херат.
Нов земјотрес
Нов силен земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала во последните неколку часа повторно го потресе западот на земјата. Според Геолошкиот институт на Соединетите Американски Држави (USGS), нов земјотрес во изминатите часови ја погоди областа во близина на градот Херат, недалеку од епицентарот на земјотресот од минатата сабота.