Пребарување

2024.03.24 Celebrazione della Domenica delle Palme

Папата се моли за жртвите од „кукавичкиот терористички напад“ во Москва

Во недела 24 март 2024 година, за време на молитвата Ангел Господов - на самиот крај од Литургијата на Цветници, папата Фрањо ја изрази својата тага за тешкиот и трагичен напад во Русија, барајќи преобраќање на срцата на оние кои планираат, организираат и спроведуваат такви нечовечки дела кои го навредуваат Бога. Исто така, Светиот Отец рече дека се моли за оние кои страдаат поради војната во Украина и Газа, а ги спомена и двајцата убиени мировници во Колумбија.

Како што рече на самиот крај, Папата се моли за жртвите од „кукавичкиот терористички напад“ во Русија. Со ова тој ја изрази својата тага за она што се случи пред два дена во градот Красногорск, во кое загинаа повеќе од 130 луѓе, и побара од Господа „да ги прими жртвите, да ги утеши нивните семејства и да ги преобрати срцата на оние што планираат, организираат и извршуваат такви нечовечки дела, кои го навредуваат Бога, а кој заповеда: „Не убивај“.

Своите мисли Папата ги насочи и кон Јужна Америка, поточно кон Колумбија во Мировната заедница „Сан Хозе де Апартадо“. На крајот на неделата се убиени сопругата и братот на еден од водачите на заедницата, потсети папата Фрањо, кој во 2018 година беше награден како пример за посветеност на економијата на солидарност, мир и човекови права.

Во својот редовен поздрав до верниците од Рим и Италија, кои по правило се најбројни за време на аудиенцијата во среда и недела, овој пат ја поздрави делегацијата од градот Санремо, која и оваа година, верна на четиривековната традиција, донира плетени палмови листови за прославата на Цветници, празник кој уште во првите векови на христијанството, верниците од Ерусалим го нарекувале и Палмова недела.

Во своето кратко размислување пред околу 60.000 присутни верници, Папата рече:

Драги браќа и сестри, Исус влезе во Ерусалим како Цар понизен и миротворец. Да ги отвориме нашите срца за Него. Само Тој може да нè ослободи од непријателството, од омразата, од насилството, бидејќи Тој самиот е благодат и Оној кој ги простува гревовите.

На крајот повика на молитва до Богородица, од која учиме како да останеме блиску до Исус во деновите на Страсната седмица за да ја достигнеме и ние радоста на Воскресението.

24 март 2024, 19:56

Последни Ауденции

Прочитајте сé >