Пребарување

Vatican News
Папата на Генерална аудиенција во среда 26 мај 2021 година Папата на Генерална аудиенција во среда 26 мај 2021 година  (Vatican Media)

Генерална аудиенција: Бог ја слуша секоја молитва

На Генералната аудиенција во среда 26 мај 2021 година, папата Фрањо зборуваше за „радикалниот приговор“ на оној кој моли, а навидум неговите молитви не се услишани и потсети дека во евангелието многу молитви се услишани подоцна. Злото е господар на претпоследниот ден, бидејќи последниот ден му припаѓа на Бога

Ако Бог е Отец, зошто тој не ја слуша молитвата на мајката за болно дете или молитвата на многумина кои се молат за крај на војната? Со ова прашање ја започна папата Фрањо Генералната аудиенција одржана, по трет пат овој месец, во дворот на Свети Дамас во Ватикан. Потпирајќи се на Катехизмот на Католичката црква, Папата во својата катехеза, која продолжува да ја посветува на христијанската молитва, конкретно се осврна на радикалниот приговор на молитвата, што произлегува од општата забелешка: се молиме, бараме, но нашите молитви понекогаш изгледа дека не се слушаат.

Одговорот Папата го наоѓа во молитвата Оче наш, молитва на која нѐ научи Исус и преку неа не се бара да се реализира нашиот проект, туку неговата волја во однос на светот, и во молитвите до Исус и Отецот опишани во евангелијата, во кои одговорот за некоја лична драма понекогаш не се дава веднаш, туку е одложено на некое време.

Ако причината за која молиме е благородна, како што се залагање за здравје на болно лице или, на пример, за крај на војната, неисполнувањето ни изгледа скандалозно - рече Папата, осврнувајќи се на војните во Јемен, Сирија и многу други земји разорени од конфликти. Катехизмот на Католичката црква посочува дека „некои дури и престануваат да се молат затоа што, сметаат, дека нивната молитва не е услишана“ (бр. 2734). И, се прашуваме, ако Тој вети дека ќе им даде добри работи на децата, кои од Него бараат, зошто не одговори на нашите барања?- додаде Папата.

Катехизмот нè предупредува на опасноста да не го живееме вистинското искуство на верата, туку да го претвориме нашиот однос со Бога во нешто магично. Навистина, кога се молиме може да бидеме во опасност да не бидеме тие што му служат на Бога, туку да очекуваме од Него да ни служи. Тогаш тоа е молитва која секогаш бара, што сака да насочува настани според нашите планови, што не признава други проекти, освен нашите желби - истакна Папата.

Затоа Исус ни ја става во нашите усти „Оче наш“, молитва што содржи само барање - потсети Светиот Отец и додаде: Но првите молби кои ги кажуваме се однесуваат на Бога. Тие не бараат да се реализира нашиот проект, туку Неговата волја во однос на светот. Подобро е тоа да му се препушти на Него; затоа велиме: Да биде волјата. Покрај тоа, апостол Павле во посланието до Римјаните нè потсетува дека „не знаеме за што да се помолиме, како што треба“. Кога молиме, треба да бидеме скромни, така што нашите зборови би биле вистински молитви, а не празни зборови кои Бог ги отфрла. Може да се моли и за погрешни причини; на пример, да се победи непријателот во војната, без да се праша што мисли Бог за таа војна.

Меѓу оние кои пишуваат „Бог е со нас“, малкумина се прашуваат дали тие се навистина со Бог - забележа Папата. Во молитва Бог треба нас да нѐ преобрати, а не ние Бога. Но, скандалот останува: кога луѓето се молат со искрено срце, кога бараат добра кои одговара на царството Божјо, кога мајката се моли за своето болно дете, зошто понекогаш изгледа дека Бог не слуша? – праша Светиот Отец и поттикна да се размислува за Евангелието, кое е полно со молитви.

Многу луѓе ранети во тело и дух Го молат за оздравување; има и такви кои Му се молат за некој пријател кој повеќе не оди; има татковци и мајки кои му носат болни синови и ќерки… Сите овие молитви се проткаени со страдања. Тоа е бескраен збор кој повикува: Помилуј не! - истакна Папата.

Понекогаш Исусовиот одговор е брз, додека во некои други случаи временски е одложен - забележа папата Фрањо и потсети на жената Хананејка која му се моли на Исус за својата ќерка. Таа жена мора долго време да инсистира за да биде услишана; како и фатениот човек донесен од неговите четворица пријатели. Исус првично му ги простил гревовите, а дури подоцна го излекувал по тело. Значи, во некои случаи, решението за драмата не е брзо. Пример е оздравувањето на Јаировата ќерка, за кое зборува евангелистот Марко во делот од Евангелието кој беше прочитан на почетокот од аудиенцијата.

Станува збор за татко кој бара помош од Исус за неговата ќерка која е на умирање. Учителот веднаш прифатил, но додека оделе кон куќата на Јаир, пристигнала вест дека девојчето умрело. Изгледало дека тука е крајот, но Исус му рече на таткото: 'Не плаши се, само верувај!' - рече Папата и додаде: и понатаму верувај; верата е помогната од молитвата. И навистина, Исус ќе ја разбуди девојката од смртниот сон. Но, Јаир некое време мораше да оди во темнина, со само мал пламен на вера.

Изгледа  дека молитвата која Исус му ја упатува на Отецот во Гетсеманската градина, остана неуслишана, бидејќи Синот ќе мора да ја испие чашата на страдање до крај - рече Папата и истакна: Но, Велика Сабота не е последното поглавие, затоа што воскресна на третиот ден. Злото е господар на претпоследниот ден, никогаш на последниот. Тој му припаѓа само на Бога и на тој ден ќе се исполнат сите човечки копнежи за спасение - истакна папата Фрањо.

27 мај 2021, 14:54

Последни Ауденции

Прочитајте сé >