Пребарување

Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 31 јануари 2021 година Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 31 јануари 2021 година 

Ангел Господов: Да го слушаме Исус кој има власт

Пред молитвата Ангел Господов на 31 јануари 2021 година од библиотеката на Апостолската палата во Ватикан, папата Фрањо, зборуваше за неделното Евангелие, кое опишува за тоа како Исус го истера нечистиот дух од еден човек во Капернаум. Говорот на папата Фрањо го пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри, добaр ден!

Денешниот пасус од Евангелието (сп. Марко 1, 21-28) опишува еден типичен ден од Исусовата служба. Посебно треба да се каже дека настанот се случува во сабота, на ден посветен за одмор и молитва, луѓето одеа во синагогата. Во синагогата во Капернаум, Исус ги чита и толкува Писмата. Присутните ги привлекува со начинот на кој зборува; опфатени се со восхит затоа што покажува авторитет различен од оној на книжниците (р. 22). Освен тоа, Исус покажува дека е силен и во делата. Имено, во синагогата еден човек го напаѓа, откривајќи дека тој е Божји пратеник; Тој го препознава нечистиот дух, му наредува да излезе од човекот и го истерува од него.

Тука се гледаат два карактеристични елементи на Исусовото дејствување: проповедање и чудесни оздраввуања: проповеда и оздравува. И двата аспекти се издвојуваат во пасусот на евангелистот Марко, но поизразен аспект е проповедувањето; истерувањето на злиот дух е претставено како потврда за неговата посебна „власт“ и неговото учење.

Тој проповеда со сопствена власт, како оној кој поседува учење што го црпи од себе, а не како книжниците кои ги повторуваа претходните традиции и закони пренесени на нив. Тие повторувале „зборови, зборови, само зборови… (на италијански: parole, parole, soltanto parole…) - како што пее големата Мина. Тоа било токму тоа: само зборови. Кај Исус, напротив, зборот има власт, тој е моќен, Исус е моќен. И го допира срцето. Исусовото учење има власт на Бог кој зборува; имено, со само една заповед тој лесно го ослободува опседнатиот од злиот и го оздравува. Зошто? Затоа што Неговиот збор го прави она што Тој го вели, затоа што Тој е последниот пророк. Но, зошто го велам тоа, дека тој е последниот пророк? Да се потсетиме на ветувањето на Мојсеј. Мојсеј вели: „Господ, твојот Бог, ќе ти дигне пророк од браќата твои, како мене, – Него слушајте Го“(сп. 5 Мојсеева 18,15). Мојсеј го објавува Исус за последен пророк. Затоа [Исус] не зборува со човечка, туку со божествена власт, бидејќи тој има овластување да биде врвен пророк, односно Син Божји кој нè спасува, кој сите нè оздравува.

Вториот аспект - оздравувањето, покажува дека Христовото проповедање има за цел да го победи злото присутно во човекот и во светот. Неговиот збор е насочен директно против царството на Сатаната, доведувајќи го во криза, го тера да се повлече, принудувајќи го да го напушти светот. Тој опседнат човек - тој опседнат, опседнат човек – до кого дојде Господовата заповед е ослободен и се претвора во нова личност.

Покрај тоа, проповедувањето на Исус припаѓа на логика спротивна на логиката на светот и логиката на злото: неговите зборови се откриваат како пресврт на погрешниот редослед на нештата. Демонот присутен во опседнатиот вика додека му се приближува на Исус: „Што имаш Ти со нас, Исусе Назарејче! Си дошол ли да нè погубиш? (р. 24)

Овие искази покажуваат дека нема ништо заедничко меѓу Исус и Сатаната: тие се наоѓаат на сосема различни планови; немаат ништо заедничко; тие се спротивни едни на други. Исус е моќен, ги привлекува луѓето со својот авторитет и истовремено е и пророк кој ослободува, ветениот пророк кој е Божји Син кој оздравува. Дали ги слушаме Исусовите зборови што се толку моќни и имаат во себе власт? Не заборавајте секогаш да носите мало Евангелие во џебот или торбата за да можете да го читате во текот на денот и да го слушате тој моќен Исусов збор.

Освен тоа, сите имаме проблеми, сите имаме гревови, сите имаме духовни болести. Да се молиме на Исус: „Исусе, ти си пророк, Син Божји, оној што вети дека ќе нѐ излекува. Излечи ме!” Да бараме од Исус исцелување од нашите гревови, од нашите зла. Дали ги слушаме Исусовите зборови што се толку моќни и имаат авторитет во нас? Запомнете, секогаш носите малку Евангелие во џебот или торбата за да можете да го читате во текот на денот и да го слушате тој моќен збор на Исус.

Девица Марија секогаш ги чуваше Исусовите зборови и гестови во своето срце и го следеше со потполна подготвеност и верност. Нека ни помогне и на нас да го слушаме и да го следиме, да ги искусиме знаците на неговото спасение во нашите животи.

31 јануари 2021, 21:29

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >