Пребарување

Vatican News
Папа Фрањо за време на Генералната аудиенција на Плоштадот Свети Петар во Ватикан Папа Фрањо за време на Генералната аудиенција на Плоштадот Свети Петар во Ватикан  (Vatican Media)

Папата: Најсериозна опасност е да се изгуби смислата на животот

Лицемерно е да се зборува за мир додека се произведува и продава оружје - рече папата Фрањо вчера во катетеза посветена на Апостолското патување во Тајланд и Јапонија. Папата уште еднаш остро го осуди нуклеарното наоружување. Во центарот на неговото размислување беше губењето на смислата на живот што првенствено ги погодува младите и борбата против експлоатацијата на жените и децата.

Животот не е загрозен само со атомско оружје. Денес, губењето на смислата во животот во најразвиените земји е сериозна закана - рече папата Фрањо вчера (27.11.2019) во катехезата за време на општата аудиенција на плоштадот „Свети Петар“, откако се врати од Апостолското патување од Тајланд и Јапонија. За да се заштити животот, тој мора да се сака  - рече Папата. Младите се првите жртви на бесмисленоста во животот, поради што една средба во Токио им беше посветена на нив. Ги слушав нивните прашања и соништа; ги охрабрив да се спротивстават на сите форми на насилство, заедно да го надминат стравот и затвореноста, отворајќи се кон Божјата љубов, во молитва и служењето на својот ближен.

Имено, „Да се заштити секој живот“ беше мотото на неговата посета на Јапонија. Се работи за земја која ги носи раните на атомско бомбардирање и е портпарол на целиот свет за основно право на живот и мир - рече Светиот Отец, потсетувајќи на посетите во Хирошима и Нагасаки како и на средба со преживеаните и роднините на жртвите. Уште еднаш, тој остро го осуди нуклеарното наоружување и лицемерниот говор за мир при производство и продажба на оружје. Тоа е земја која, после таа трагедија и по неодамнешната тројна несреќа во Фукушима во 2011 година, погодена од земјотресот, цунамито и нуклеарната експлозија, покажа извонредна способност да се бори за живот.

Првата средба во земјата на изгрејсонцето беше со епископите на таа црква, која е многу мала, но е носителка на евангелието на Исус. Покрај средбата со властите и дипломатскиот кор, папата Фрањо се сретна со царот Нарухито во Токио. На хоризонтот на таа култура на средба која му е драга, тој посака Јапонија, останувајќи верна на своите религиозни и морални вредности, и отворена за евангелската порака, да биде земја двигател за поправеден и помирен свет, како и хармонија меѓу човекот и околината.

Во Тајланд, старото модернизирано кралство, Папата најпрво се сретна со кралот, премиерот и претставниците на власта и му оддаде почит на богатата духовна и културна традиција - како што го нарече - на Тајландскиот „народот на насмевки“. Во катетезата освен тоа, тој посебно ја истакна важноста на екуменската и меѓурелигиската средба на најголемиот универзитет во таа земја.

Го охрабрив завземањето за хармонија меѓу различните компоненти на таа земја, како и економскиот развој за да може да биде од корист за сите и да се излечи раната на експлоатацијата, особено на жените и децата - рече Папата и додаде: Будистичката религија е составен дел од историјата и животот на овој народ, затоа го посетив врховниот будистички патријарх, продолжувајќи го патот на взаемно почитување што го започнаа моите претходници, со цел да пораснат сочувството и братството во светот.

Светиот Отец се сети и на посета на болницата „Сент Луис“ во Бангкок, моментите што тој ги посвети на свештениците, епископите, на Богопосветените лица и на Исусовците, и на Светата Литургија што ја славеше во тој град со целиот Божји народ, а потоа и на младите во катедралата каде можеше да се доживее дека во новото семејство кое Исус го обликуваше се наоѓа и гласот на тајландскиот народ. Папата на крајот изрази голема благодарност до тајландскиот и јапонскиот народ и заклучи: Нека Бог ги благослови со изобилство на напредок и мир!

28 ноември 2019, 17:12