Пребарување

Vatican News
Oтец Олав Фиксе Твеит (АФП) Oтец Олав Фиксе Твеит (АФП)  (AFP or licensors)

Светскиот совет на цркви ги осуди нападите во Нигерија, Сирија и Сомалија

Генералниот секретар на Светскиот совет на цркви (WCC), отец Олав Фиксе Твеит ги осуди нападите кои изминатите денови се случија ширум светот, посебно на места за богослужба во кои десетици луѓе го загубија животот

Осврнувајќи се на тие настани истакна меѓу останатото дека неприфатливи се насилни напади на недолжни човечки битија во име на било која религија. Луѓето во целиот свет кои го живееле своето секојдневие, чекајќи на ред за намирници, одејќи во места кои би требало да бидат безбедни, посетувајќи места за богослужба, на трагичен начин ги напуштија своите семејства и заедницата – рече Твеит и додаде: Ги осудуваме тие бесмислени дела на насилство и со уште поголема одлучност за сите бараме мир и правда, достоинство и слобода за исполнет живот.

Нигерија – видео запис за убиство на 11 христијани

На празникот свети Стефан терористичка група поврзана со самопрогласената Исламска држава објави видео запис во која најави убиство на 11 христијани. Притоа порача дека тие погубивања се освета за неодамнешните убиства на нивните водачи. Во врска со тоа секретарот на Светскиот совет на цркви им порача одлучно да ги негираат тие обиди за поделби на нигерискиот народ, со кои христијаните се ставаат против муслиманите и додаде дека мора да се промовира почитувањето на човечкото достоинство во сите прилики за да се спротивставуваме на омразата и нетрпеливоста кои стојат зад тие дела на екстремно насилство.

Сирија - драмата на цивилите во Идлиб

Фиксе Твеит освен тоа потсетува на последната ескалација на насилство на северозападот на Сирија, до кое дојде во периодот од 12 до 26 декември, чии разорни последници ги трпат цивилите во Идлиб. Во последните две недели повеќе од 235.000 луѓе побегнаа од тоа подрачје. Сирискиот народ веќе претрпе премногу конфликти, премногу крвопролевање, уништување и раселување – предупредува Твеит и додаде: Црквите во светот повикуваат да се стави крај на конфликтите и страдањето на сирискиот народ. Доста е со борбите, хаосот и смртта. Време е за мир, дијалог и правда за жртвите на злосторствата сторени во овие катастрофални години на насилство.

Сомалија - крвопролевањето во Могадиш

Во главниот град на Сомалија пак во сабота на 28 декември на една од сообраќајните раскрсници експлодира камион полн со експлозив, зголемувајќи  го така дополнително страдањето на земјата во која поради насилниот екстремизам, веќе долго време владее тензија. Притоа загинаа најмалку 100 луѓе, додека 124 се ранети. Меѓу нив има многу студенти. Отец Фиксе Твеит ги поттикна членовите на Светскиот совет на цркви на молитви за ранетите и убиените и повика на екуменска солидарност со оглед на насилството и терористичките напади.

02 јануари 2020, 11:31