Кардинал Крајевски во Украина
Кардиналот Конрад Крајевски, Папски делител на милостина, во телефонскиот разговор со Радио Ватикан од Украина ја изрази својата голема тага - каде што повторно отпатува за да однесе помош и утеха од папата Фрањо - осврнувајќи се на нападот извршен ноќта меѓу понеделникот и вторникот на 19 септември врз магацинот на украинскиот Каритас - Спес во Лавов. Тоа е складиште што Дикастеријата за милосрдие честопати го користеше за доставување материјали што Папата ги дава на измаченото население. На пример, таму беа испратени генератори за електрична енергија, а потоа дистрибуирани во областите кои се најизолирани поради конфликтот. Каритас извести дека магацинот и се во него е срамнето со земја; притоа се уништени околу 300 тони хуманитарна помош. За среќа, во нападот нема жртви.
Нова мисија
Кардиналот Крајевски се наоѓа во областа Лавов бидејќи покрај доставувањето помош, планирано е и отворање на прифатна куќа за жени и деца. Ова прибежиште е изградено благодарение на поддршката на папата Фрањо и бројни донатори, а со него ќе управуваат монахињите Албертинки.
Оваа куќа е изградена за време на конфликтот - стои во соопштението за печат на Дикастеријата за милосрдие - за да им даде поддршка на бројни луѓе кои избегаа од бомбардираните места, а кои не сакајќи да ја напуштат земјата, побараа засолниште во Лавов. Таму, во соодветно опремени соби, ќе се сместат самохрани мајки со нивните деца и бездомници. Внатре во структурата - се наведува во соопштението - предвидена е и народна кујна за сиромашните за да им се обезбеди топол оброк и гостопримливо место. Папскиот делител на милостина кардиал Крајевски ќе ја отвори куќата во име на папата Фрањо во знак на поддршка и близина со луѓето кои се принудени да побегнат поради конфликтот и ќе им го пренесе апостолскиот благослов.
Кардиналот Крајевски планира да посети и повеќе заедници кои примаат бегалци за да им се заблагодари на волонтерите и на сите што им помагаат на настраданите и сиромашните луѓе кои се далеку од својот дом - се истакнува во соопштението на Дикастеријата за милосрдие.