Пребарување

2024.05.22 Consiglio Cristiano Hong Kong 2024.05.22 Consiglio Cristiano Hong Kong  (Vatican Media)

Папата: Христијаните треба да бидат пријатели, надвор имаме многу непријатели

Папата Фрањо на аудиенција во Ватикан ги прими членовите на протестантската екуменска организација Hong Kong Christian Council и ги спомна зборовите на православниот епископ Зизиулас, кој велеше: „Ќе има единство на христијанските цркви на денот на последниот суд, но во меѓувреме мора да се молиме и да работиме заедно“. Светиот Отец ги спомна англиканските маченици на кои Павле VI. им оддаде почест во Уганда, како и Коптите, кои се вброени во Римскиот мартирологиј

Пријатели, сите христијани нека бидат пријатели, а не непријатели, од кои веќе ги имаме многу - е уште едно охрабрување на папата Фрањо за единство и екуменско братство кое го упати примајќи ги во аудиенција во среда 22 мај 2024 година, протестантската христијанска екуменска организација Hong Kong Christian Council, основана во Хонг Конг во 1954 година. Делегацијата на организацијата беше примена од Светиот Отец во Апостолската палата, пред Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар и им се обрати со краток импровизиран говор во кој, пред се, изрази благодарност за посетата, која - како што рече - била вистинска утеха.

Спомен на епископот Зизиулас 

Папата го спомена „големиот православен епископ“, грчкиот теолог Зизиулас, кој почина на 2 февруари 2023 година, цитирајќи ги неговите зборови кога рече дека „единството на христијанските цркви ќе го имаме дури на денот на последниот суд“. Но, во меѓувреме – додаде папата Фрањо – мора да се молиме заедно и да работиме заедно. Ова е патот: „Да работиме заедно, бидејќи сите веруваме во Исус Христос; и да молиме заедно, да молиме за единство“.

Крштението нè прави христијани 

Потоа Папата потсети на зборовите на уште еден голем православен цариградски патријарх, Атинагора, кој, кога го сретнал папата Павле VI, рекол: „Да направиме една работа: да ги оставиме сите теолози на еден остров, бидејќи тие се расправаат меѓу себе, а ние во мир да одиме напред“. Прекрасно! – истакна папата Фрањо. Она што е важно е дека имаме исто крштение и тоа нè прави христијани – истакна Папата и додаде: Имаме многу непријатели надвор. Да бидеме пријатели. 

Обединети со мачениците 

Вистина е кога велам непријатели, бидејќи тоа е реалноста што ни ја кажа Господ: Црквата секогаш ќе биде прогонувана – објасни Папата и потсети: Мачеништвото на верата е секогаш присутно во историјата на нашите Цркви, секогаш...

Зборувајќи за мачениците и повторно спомнувајќи го Павле VI, Папата потсети на посетата на папата Монтини на Уганда во 1969 година, за време на која им оддаде почит на католиците маченици меѓу 1885 и 1887 година, како и на англиканските маченици. Тоа е многу убаво – забележа Папата. Павле VI. зборуваше за католички и англикански маченици. Тие се маченици. Јас лично, кога Коптите беа мачени - додаде папата Фрањо, мислејќи на 21 маж (20 Египќанец и еден Ганец) кои беа убиени од припадници на ИСИС на плажата во Либија во 2015 година - веднаш реков дека тие се и наши маченици. 

Токму затоа Папата минатата година, за време на неговата средба со поглаварот на Коптската православна црква, Тавадрос II, сакаше да ги запише Коптите во Римскиот матирологиј како симбол на „екуменизмот на крвта“ за што проповеда од почетокот на неговиот понтификат.

Има две крштенија: едното, кое го имаме сите - крштевањето што го примивме - и другото, кое Господ го нарекува „крштевање во крв“: мачеништво. На сите ни е познато мачеништвото на многу христијани кои ги дадоа своите животи за верата.

Папата Фрањо на крајот уште еднаш им се заблагодари на присутните и рече: „Би сакал сите заедно да измолиме Оче наш“.

 

23 мај 2024, 10:47