Пребарување

2024.04.20 Comunità del Seminario di Sevilla

Папата се сретна со семинаристите од Севиља

Папата Фрањо, примајќи ги семинаристите од Севиља во аудиенција на 20 април, им се обрати со пригоден говор што беше објавен во изданието на весникот „L`Osservatore Romano“ од 20 април 2024 година Подолу е преводот на говорот на Папата.

Драги браќа,

Задоволство ми е да ги поздравам членовите на заедниците на Метрополитанската семинарија и од семенијата Redemptoris Mater од Севиља, кои заедно со својот надбискуп, монс. Јосеп Анхел Саиз Менесес дојдоа на ходочестие на гробот на апостол Петар. Ви благодарам за оваа посета и ве охрабрувам да ги живеете овие денови со восхит и благодарност за дарот на верата кои ни го пренесоа апостолите.

Нашата средба се одржува во пресрет на еден многу важен ден: Неделата на Добриот пастир. Вие, семинаристите, примивте повик од Господ и со помош на вашите воспитувачи се подготвувате да бидете душогрижници според Христовото срце. Во други прилики, им зборував на семинаристите дека овој пат на сообразување со Исус, Добриот Пастир, треба да се помине земајќи ги предвид четирите димензии: духовен живот, студии, живот во заедницата и апостолска дејност.

Оваа интеграција е неопходна, би рекол итна, за да станеме целосни свештеници и да одговориме на примениот повик, како целосен дар од себе кон Бога и нашите браќа, особено за оние кои најмногу страдаат. Во таа смисла, сакам да го истакнам ликот на еден од многуте свети пастири што ги имала андалузиската земја во историјата, ликот на блажениот кардинал Марсело Спинола и Маестре, кого добро го познавате. Овој блажен човек, учител на свештениците, рекол: „Доблеста и науката се две работи кои мора да се поучуваат со предност на оние кои се стремат кон свештенството, бидејќи науката без доблест се издувува и не гради, а доблеста без наука гради, но не поучува“. Тоа значи, како што рековме, дека сè во свештеникот – молитвата, студиите, братството, посланието – мора да биде обединето.

Драги семинаристи, искористете го ова интензивно време на формација, со срцето свртено кон Бога, со отворени раце и широка насмевка, пренесете ја радоста на Евангелието на сите што ќе ги сретнете.

Нека ве благослови Исус и нека ве придружува Девицата на  Царевите. Ви благодарам.

23 април 2024, 17:37