Пребарување

2023.12.27 Udienza Generale

Генерална аудиенција: Со ѓаволот не се разговара

Да се биде господар на доброто и злото е искушение, тоа е најопасната замка за човечкото срце. Папата Фрањо го истакна ова на Генералната аудиенција на која беше најавена нова серија катехези посветени на темата на маните и крепостите: убиството на Авел не започна со фрлениот камен, туку со незадоволството што Каин за жал го имаше и поради кое стана чудовиште во самиот себе. Ја пренесуваме во целост првата катехеза на папата Фрањо на оваа тема одржана на редовната Генерална аудиенција во среда

Драги браќа и сестри, добар ден!

Денес би сакал да започнам со серијата катехези на тема мани и крепости. И можеме да почнеме уште од почетокот на Библијата, каде што книгата Битие, преку приказната за прародителите, ја покажува динамиката на злото и искушението. Да размислиме за рајот на земјата. Во идиличната слика претставена со Рајската градина, се појавува лик која станува симбол на искушението: змијата, лик што заведува. Змијата е лукаво животно: полека се движи, лази по земја, а понекогаш не се ни забележува нејзиното присуство - молчи - затоа што успева добро да се прилагоди на околината, а тоа е посебно опасно.

Кога започнува разговор со Адам и Ева, докажува дека е и префинет дијалектичар. Започнува како што почнуваат злобните озборувања, со зло прашање: „Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?” (Битие 3,1). Реченицата е лажна: Бог всушност им ги понудил на мажот и на жената сите плодови од градината, освен оние од одредено дрво: дрвото на спознавање на доброто и злото. Оваа забрана нема за цел да му забрани на човекот да користи разум, како што понекогаш погрешно се толкува, туку е мерка за мудрост. Како да се каже: препознајте ја границата, не замислувајте се дека сте господар на сè, бидејќи горделивоста е почеток на сите зла. И така, приказната ни кажува дека Бог ги поставува прародителите за господари и чувари на создаденото, но сака да ги спаси од преземање на семоќност, да не станат господари на доброто и злото, што е искушение, гадно искушение и денес. Ова е најопасната замка за човечкото срце.

Како што знаеме, Адам и Ева не можеле да одолеат на нападите на змијата. Идејата за не така добриот Бог, кој сака да ги држи потчинети, им се вовлекува во умовите: оттука и сломот на сè.

Со овие приказни, Библијата ни објаснува дека злото кај човекот не започнува на бучен начин, кога некое дело е веќе очигледно, туку многу порано, кога ќе почне да се забавува со него, да го лулка во своите фантазии и мисли за да биде на крајот во стапицата на неговото ласкање. Убиството на Авел не започна со фрлениот камен, туку со горчината што Каин за жал ја чуваше и која го натера да стане чудовиште во себе. И во овој случај, Божјото предупредување не користи.

Со ѓаволот, драги браќа и сестри, не се разговара. Никогаш! Со него никогаш не треба да се расправа. Исус никогаш не разговарал со ѓаволот; го избркал. А во пустината, за време на искушенијата, не одговараше со дијалог; едноставно одговораше со зборови на Светото Писмо, Словото Божјо. Внимавајте: ѓаволот е заводник. Никогаш не разговарајте со него, бидејќи тој е поитар од сите нас и ќе не натера да платиме. Кога ќе дојде искушението, никогаш не зборувајте. Затворете ја вратата, затворете го прозорецот, затворете го срцето. И така се браниме од ова заведување, бидејќи ѓаволот е лукав, тој е интелигентен. Се обидел да го искушува Исус со библиски цитати, претставувајќи се себеси како голем теолог. Бидете внимателни. Со ѓаволот не се разговара и не смееме да се забавуваме со искушенијата, не се разговара со него. Ако дојде искушение: да ја затвориме вратата, да го чуваме срцето.

Да молиме да бидеме чувари на нашите срца. И затоа да не разговараме со ѓаволот. Предупредувањето - да го чуваме срцето - го наоѓаме кај разни отци и светци. И треба да молиме за оваа благодат да научиме да го чуваме срцето. Мудроста е да знаеш како да го заштитиш срцето. Господ нека ни помогне во оваа работа. Кој го чува своето срце, го чува своето богатство. Браќа и сестри, да научиме да го чуваме срцето.

27 декември 2023, 16:46