Папата Фрањо повторно упати апел за мир меѓу завојуваните страни
Повторно повикувајќи на внимание и молитва за луѓето ширум светот кои се изложени на војна и страдаат од нејзините последици, папата Фрањо во среда 8 ноември рече: „Да не ја заборавиме маченичката Украина и да мислиме на палестинскиот и израелскиот народ: Господ нека донесе праведен мир“.
„Има многу страдања“, нагласи Римскиот епископ кон крајот на редовната Генерална аудиенција што се одржа на плоштадот Свети Петар.
„Страдаат деца; болните страдаат, а многу млади луѓе умираат“, продолжи Папата. „Војната е секогаш пораз. Да не заборавиме: војната е секогаш пораз“.
Континуирани апели за мир
Папата Фрањо постојано апелира за мир и преговарачки решенија за конфликтите ширум светот, никогаш не занемарувајќи да ги спомене и да моли за оние кои страдаат од насилство и раселување во Украина по руската инвазија која започна во февруари 2022 година.
Светиот Отец, исто така, ги повтори апелите за прекин на огнот, за ослободување на заложниците и за влез на хуманитарна помош во опколениот Појас Газа.