Пребарување

Pope Francis leads the Angelus prayer at the Vatican

Ангел Господов: Веродостојните христијани го прават она што го зборуваат и се грижат за својот внатрешен живот

Во пладневниот говор пред молитвата Ангел Господов, папата Фрањо, осврнувајќи се на Исусовите зборови за книжниците и фарисеите кои „зборуваат, но не прават“, ги охрабри сите, особено оние кои имаат обврски во општеството или во Црквата, да немаат „двојно срце“ и да не се занимаваат само со тоа да се покажат однадвор беспрекорни

За да бидеме веродостојни како личности и како христијани, да се обидеме да го практикуваме она што го проповедаме, без „двојно срце“ и не само да се грижиме дали надворешно изгледаме беспрекорно, туку да се грижиме за нашиот внатрешен живот, со искрено срце. Ова е охрабрувањето што папата Фрањо го упати во недела, 5 ноември 2023 година, зборувајќи пред молитвата Ангел Господов за делот од Евангелието според Матеј (23,1-12), кој е наменет за неделната Литургија.

Одвоеност помеѓу зборовите и делата

Во својот говор, Папата се фокусираше на два аспекта: одвоеноста меѓу зборовите и делата, како и првенството на надворешноста над внатрешноста. Во врска со првото, Папата истакна дека верските водачи на израелскиот народ, кои тврдат дека ги поучуваат другите за Словото Божјо и се почитувани како авторитети на Храмот, Исус им приговара за дволичност во нивните животи: тие проповедаат едно, но потоа живеат поинаку. Овие зборови на Исус нè потсетуваат на зборовите на пророците, особено на пророкот Исаија: „Бидејќи овој народ се приближува кон Мене со устата своја, и со јазикот свој Ме почитува, а срцето негово му останува далеку од Мене, и почитувањето нивно пред Мене е само научено човечко правило“.

Ова е опасност на која треба да се внимава: дволичност на срцето. И ние сме во таа опасност. Таа дволичност на срцето ја загрозува автентичноста на нашето сведочење и нашата веродостојност како личности и како христијани.

Без дволичност, посебно ако имате одговорност

Кревки сме - истакна папата Фрањо - затоа сите доживуваме одредена оддалеченост меѓу зборовите и делата. Но, да се има „двојно срце“, да се живее „со една нога во две чевела“ а тоа да не ни претставува проблем, е нешто сосема друго. Особено кога сме повикани - во животот, во општеството или во Црквата - да имаме одговорна улога.

Да запаметиме: „не“ на дволичноста! За свештеник, пасторален работник, политичар, учител или родител, ова правило секогаш важи: она што го кажуваш, што им проповедаш на другите, прво треба да се обврзеш да го живееш. За да бидеме доверливи учители, прво треба да бидеме доверливи сведоци.

Првенство на надворешноста над внатрешноста

Вториот аспект, првенството на надворешноста над внатрешноста, за Папата е последица на првиот аспект. Навистина, живеејќи во дволичност, книжниците и фарисеите се грижат како да ја сокријат својата недоследност за да го спасат својот надворешен углед. Затоа што кога луѓето би знаеле што навистина има во нивните срца, би се засрамиле, би ја изгубиле целата своја веродостојност. Затоа, прават дела за да се покажат исправни, за да го сочуват лицето.

Трикот е многу вообичаен: го разубавуваат лицето, го разубавуваат животот, го разубавуваат срцето... А овие „разубавени“ луѓе не знаат како да ја живеат вистината. Честопати и ние сме искушувани од дволичност.

Да не се грижиме само надворешно да изгледаме беспрекорно

Папата Фрањо на крајот ги поттикна сите да ја испитаат својата совест. Дали се обидуваме да го практикуваме она што го проповедаме - праша тој - или живееме во дволичност? Дали едно кажуваме, а друго правиме?

Дали се грижиме само да изгледаме беспрекорно, разубавено однадвор или пак се грижиме за нашиот внатрешен живот во искреност на нашите срца?

Дева Марија, која живееше честито и со понизно срце според волјата Божја, нека ни помогне да станеме веродостојни сведоци на Евангелието – рече на крајот папата Фрањо.

06 ноември 2023, 12:35

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >