Пребарување

2013.07.08 visita pastorale a Lampedusa, Papa Fracesco incontra i migranti 2013.07.08 visita pastorale a Lampedusa, Papa Fracesco incontra i migranti 

Папата: Запрете ги грабежите и војните за емиграцијата да биде навистина слободен избор

Следете ги и управувајте со миграциските текови на најдобар можен начин, градејќи мостови, а не ѕидови и проширувајќи ги каналите за сигурна и регуларна миграција. Апелот на Папата е содржан во пораката за Светскиот ден на мигрантите и бегалците, кој се слави на 24 септември: Секогаш нека постои заедница подготвена за прифаќање, да не изостави никого.

На сите нека биде должност, секој според своите одговорности, миграцијата да биде вистински слободен избор – посака папата Фрањо во својата порака по повод 109. Светски ден на мигрантите и бегалците, кој се одбележува на 24 септември, на тема „Слободен избор – да се мигрира или да се остане“.

Размислувајќи за повеќеслојниот феномен на денешните миграциски текови, Папата повикува на заеднички напор од целата меѓународна заедница за да се гарантира на сите еднакво учество во општото добро, почитување на основните права и пристап до целосен човечки развој. Само со заедничко одење ќе можеме да одиме далеку и да ја достигнеме заедничката цел на нашето патување – нагласи Светиот Отец.

Право да не се емигрира

Пред се, на секого треба да му се гарантира правото кое сè уште не е кодифицирано, но е од фундаментално значење: правото да не се емигрира, односно можност да живее, да умре и да има достоинство во сопствената земја - охрабри папата Фрањо и забележа: Светските ресурси не се неограничени, економскиот развој на посиромашните земји зависи од способноста за споделување кое може да се воспостави меѓу сите земји

Избор кој често не е слободен

Денес, во многу случаи, миграцијата не е слободен избор, како што не беше и за Светото семејство кое побегна во Египет. Конфликтите, природните катастрофи, неможноста за достоинствен и среќен живот во сопствената татковина принудуваат милиони луѓе да си заминат. Како Јаков, кој побегна со семејството поради големата беда, денес – истакна папата Фрањо – мигрантите бегаат поради сиромаштво, страв и очај.

Што треба да се прави, а што треба да престане да се прави?

Прогонствата, војните, атмосферските појави и бедата се едни од највидливите причини за модерните миграции. За да ги елиминираме, сите треба да се запрашаме што да правиме и што треба да престане да се прави – истакна Светиот Отец и објасни: Треба да дадеме сѐ од себе за да запре трката во вооружување, економскиот колонијализам, грабежот на туѓите ресурси и уништување на нашиот заеднички дом.

Предизвикот на земјите на потекло

Папата Фрањо ги повикува на одговорност најпрво земјите на потекло и нивните лидери кои се повикани да водат добра, транспарентна, чесна, далекувидна политика која е во служба на сите граѓани, посебно за најранливите. Меѓутоа, овие земји треба да се стават во такви услови да можат да го направат тоа, не земајќи им ги природните и човечки ресурси и без надворешно мешање за да се задоволат интересите на неколкумина.

Опасноста од трговија со луѓе

За да се гарантира напуштањето на сопствената земја да биде слободен, информиран и приомислен избор, потребно е да се спречи многу мажи, жени и деца да станат жртви на ризични илузии или бескрупулозни трговци.

Следете ги миграциските текови и управувајте со нив

Секој мигрант не е само брат или сестра во тешкотии. Во него е самиот Христос кој тропа на нашата вратата - пишува Римскиот бискуп, цитирајќи неколку редови од 25. поглавје од Евангелието според Матеј: „Гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте...“. Од оваа свест доаѓа повикот за максимално почитување на достоинството на секој мигрант и за следење на миграциските текови и нивно управување на најдобар начин, градење мостови, а не ѕидови и проширување на каналите за безбедна и регуларна миграција.

Не изоставувајќи никого

Каде и да одлучиме да ја градиме нашата иднина, во земјата каде што сме родени или на друго место, важно е таму секогаш да постои заедница која е подготвена да ги прифати, заштити, промовира и интегрира сите, без разлики и не изставувајќи никого - истакнува Светиот Отец. Синодалниот пат по кој тргнавме како Црква нè наведува да видиме во најранливите луѓе - меѓу кои има многу мигранти и бегалци - посебни придружници кои треба да се сакаат и да се грижиме како браќа и сестри - забележа папата Фрањо на крајот и ја заврши пораката со молитва:

Боже, семоќен Оче, дај ни благодат ревносно да се залагаме за правда, солидарност и мир, на сите твои деца да им се гарантира слободата да изберат дали ќе емигрираат или ќе останат. Дај ни храброст да ги осудиме сите ужаси на нашиот свет, да се бориме против секоја неправда што ја уништува убавината на твоите созданија и хармонијата на нашиот заеднички дом. Помогни ни со силата на Твојот Дух, за да ја покажеме Твојата нежност кон секој мигрант што ќе го ставиш на нашиот пат и да ја шириме културата на средба и грижа во нашите срца и во секоја средина.

12 мај 2023, 09:23