Пребарување

Vatican News
Папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во среда 7 октомври 2020 Папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во среда 7 октомври 2020   (ANSA)

Генерална аудиенција: Потребни се христијани кои ќе кажат ‘тоа не смеете да го правите!’

На Генералната аудиенција одржана во салата Павле VI папата Фрањо после серијата катехези за грижа за создаденото, во свет ранет од пандемијата, повторно се посвети на катехезите за молитвата. Во денешната катехеза се осврна на ликот на свети Илија. Катехезата ја пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Денес продолжуваме со серијата катехези за молитвата, која ја прекинавме со катехезите за грижа за создадениот свет, сега ги продолжуваме и сретнуваме еден од најинтересните ликови во целото Свето Писмо: свети Илија. Тој ги надминува границите на своето време и неговата присутност исто така можеме да го видиме во некои настани од Евангелието. Се појавува на Исус, заедно со Мојсеј, во моментот на преображението (сп. Матеј 17,3). Самиот Исус се повикува на неговиот лик како би го потврдил сведоштвото од Иван Крстител (сп. Матеј 17,10-13)

Во Библијата Илија ненадејно, на таинствен начин се појавува од едно мало зафрлено село (сп. 3 Царства 17,1) и на крајот ќе замине од сцената пред очи на ученикот Елисеј, во огнена кола која се вознесува во небо (сп. 4 Царства 2,11-12). Тој е значи човек без прецизно потекло, а пред сѐ без крај, вознесен на небо: затоа неговото враќање се очекувало пред доаѓањето на Месијата, како еден од претeчата. Така се очекувало враќањето на Илија.

Во Светото Писмо Илија е претставен како човек со кристално чиста вера: во самото негово име, кое би можело да значи „Јахве е Бог“ е содржана тајната на неговото послание. Таков ќе биде целиот негов живот: непорочен човек, неспособен за ситни компромиси. Неговиот симбол е огнот, слика за Божјата прочистителна моќ. Тој прв ќе биде ставен на тешко искушение и ќе остане верен. Тој е пример за сите луѓе од верата кои ги познаваат искушенијата и страдањата, но не отстапиле од идеалот за кој се родени.

Молитвата е лимфа која постојано го храни неговиот живот. Затоа е една од најомилените личности во монашката традиција, а некои дури го избрале за духовен отец на богопосветениот живот. Илија е Божји човек, кој се издигнува како бранител на вистината дека на Севишниот му припаѓа првото место. Сепак и тој е принуден да се бори со сопствените слабости. Тешко е да се каже кои искуства му биле корисни: поразот на лажните пророци на гората Кармил (сп. “ Цартсва 18,20-40) или изгубеноста во која вели дека „ништо не е подобар од татковците негови“ (сп. 3 Царства 19,4). Во душата на оние кои молат, чувството на сопствената слабост е поскапоцено од моментот на вознесеност, кога изгледа дека животот е поплочен само со победи и успеси. Во молитвата секогаш тоа се случува: моментите на молитва кои ги чувствуваме нѐ воздигнуваат кон небото, па и занесот и воодушевувањето и моментите на молитва во кои чувствуваме болка, сувост, искушение. Таква е молитвата: да се моли значи да му се дозволи на Бог да нѐ носи на своите крилја но и да дозволиме да нѐ бијат лоши ситуации, но и искушенија. Тоа е реалноста која се наоѓа во многу библиски позиви, па и во Новиот Завет. Да се потсетиме на примерот на свети Петар и свети Павле. И нивниот живот бил таков: моменти на восхитување и моменти на слабост, страдање.

Илија е контемплативен човек, а во ист момент и со активен живот, загрижен за случувањата во своето време, способен да се нафрли на царот и царицата откако дадоа да се убие Навут како би завладеале со неговото лозје (сп. 3 Царства 21,1-24). Колку многу ни се потребни верници, ревни христијани, кои со храброста на Илија ќе застанат пред оние кои се одговорни за управувањето и ќе кажат: Тоа не смеете да го правите! Тоа е убиство! Потребен ни е духот на Илија. Тој ни покажува дека во животот на оние кои молат на смее да има раздвојување: се стои пред Господ и се оди во пресрет на браќата кај кои Тој нѐ праќа. Молитвата не значи да се затвориме насамо со Господ како би си ја „украсиле“ душата; не тоа не е молитва, тоа е лажна молитва. Да се моли значи да се застане пред Господ, да му дозволиме да нѐ испрати да им служиме на браќата. Молитвата се „докажува“ со конкретна љубов кон ближниот. И обратно, верниците се ангажираат во светот најпрво откако ќе молчат и ќе се помолат, во спротивно нивното ангажирање е импулсивно, лишено од разликување, безглаво трчање. Верниците кои така се однесуваат, прават многу неправда, затоа што најпрво не се помолиле на Господ, за да би разликувале што треба да прават.

Врз основа на библиските текстови можеме да претпоставиме дека Илија постепено напредувал во верата. И тој растел во молитвата, малку по малку го пречистувала, Божјото лице попатно му станувало појасно, а својот врв го има во спомнатото посебно искуство, кога Бог се објавува на Илија на гората (сп. 3 Царства 19,9-13). Не се покажува во силен ветер, ниту во земјотрес, ниту во огнот; кој сѐ пред себе голта, туку во тих ветар (сп.р.12). Или пак да се послужиме со преводот кој добро го отсликува тоа искуство, во гласот на громогласна тишина. Така се објавува Бог на Илија. Со таквиот скромен знак Бог комуницира со Илија, кој во тој момент бил пророк во бегство, кој го изгубил мирот. Бог му доаѓа во пресрет на уморниот човек, човек кој мислел дека доживеал неуспех на сите полиња и со тој тих ветер, со тој громогласен звук на тишината, се враќа мирот и спокојот во неговото срце.

Тоа е случката со Илија, но ни изгледа дека е напишана за сите нас. Во некои вечери можеме да се чувствуваме бескорисни и осамени. Тогаш ќе дојде молитвата и ќе затропа на вратата од нашето срце. Сите можеме да земеме парче од облеката на Илија, како што неговиот ученик Елисеј дојде до половината од неговата наметка. Па дури и ако сме направиле нешто лош или пак се чувствуваме загрозени и престрашени, кога се враќаме кај Бог со молитва, исто така ќе се врати како некое чудо спокојот и мирот. На тоа нѐ учи примерот на Илија.

07 октомври 2020, 16:36