Пребарување

Vatican News
Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 30 август 2020 година Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 30 август 2020 година  (Vatican Media)

Ангел Господов: Крстот е вистинскиот пат за Исусовите ученици

Петар и останатите ученици, па и за нас, крстот е соблазна, додека Исус пак сметал дека е соблазна да се побегне од крстот – рече папата Фрањо на 30 август 2020 година пред молитвата Ангел Господов, која се одржа на плоштадот Свети Петар. Говорот на папата Фрањо го пренесуваме во целост:

Драги браќа и сестри,

Денешниот евангелски дел (сп. Матеј 16,21-27) е поврзан со оној од минатата недела (сп. Матеј 16,13-20). Откако Петар во име на другите апостоли, ја исповеда верата во Исус дека е Месија и Син Божји, Исус започнува да зборува за своето страдање. На пат кон Ерусалим, на своите ученици отворено им објаснува за она што го чека на крајот, во светиот град: го навестува таинството на својата смрт и воскресение, понижување и слава. Вели дека ќе „пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне.“ (Матеј 16, 21). Но учениците не ги сфаќаат неговите зборови, затоа што уште имаат незрела вера и премногу поврзана со менталитетот на овој свет (сп. Римјаните 12,2). Тие пред очи ја имаат победата, која е повеќе земска и затоа не го разбираат јазикот на крстот.

Соочени со перспективата дека би можел Исус да биде поразен и да умре на крстот, самиот Петар се бунтува и вели: „Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи! (Матеј 16,22). Верува во Исус, таков е Петар, има вера, верува во Исус, верува. Сака да го следи, но не прифаќа до својата слава да дојде преку страдање. За Петар и за другите ученици – па и за нас – крстот е нешто непријатно, крстот е соблазан, додека пак Исус смета дека е соблазан да се побегне од крстот, што би значело да се бега од љубовта на Отецот и посланието кои му е доверено заради нашето спасение. Затоа Исус и му одговара на Петар: Бегај од Мене, сатано! Ти си ми соблазан, оти мислиш не за она, што е Божјо, а за она, што е човечко! (Матеј 16,23). Десет минути претходно Исус го фали Петар, му ветува дека врз него ќе ја изгради својата Црква, дека ќе биде темел на Црквата; десет минути покасно му вели: „сатано“. Како да се разбере тоа? Тоа се случува на сите нас. Во моментите на побожност, жар, добра волја, близина кон ближниот, го гледаме Исус и одиме напред, но во моментите во кои ни доаѓа во пресрет крстот, бегаме. Ѓаволот, Сатаната – како што му вели Исус на Петар – нѐ искушува. Тоа е својствено за нечистиот дух, тоа е карактеристично за ѓаволот да нѐ оддалечи од крстот, од Исусовиот крст.

Потоа обраќајќи им се на сите Исус додава: Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене; (Матеј 16,24). На тој начин Тој го покажува патот за да се биде вистински ученик, покажувајќи на два става: Првиот е „да се одречеш од себе“, што не означува површна промена, туку преобраќање и длабок пресврт во начинот на размислување и вредностите. Вториот став е да се „земе крстот“. Не е кажано само за трпеливо поднесување на секојдневните неволји, туку за тоа да се носи со својата вера и одговорност, оној дел од напорот, и оној дел од страдањето кои со себе ја носат борбата со злото. Животот на христијанинот е постојана борба. Во Библијата се вели дека живот на верникот е војување: борба против злите духови, борба против Злото.

Поради тоа обврската „да го земеме својот крст“ станува учество со Христос во спасението на светот. Мислејќи на тоа, да се погрижиме крстот кој виси на ѕидот во куќата или оној малиот крст кој го носиме околу вратот, нека биде знак, на нашата желба да се соединиме со Христос во служењето на браќата со љубов, посебно со најсиромашните и најслабите. Крстот е свет знак на Божјата љубов и Исусовата жртва и никако не смее да се сведи само на предмет на празноверие или само како украс. Секој пат кога ќе го упатиме погледот на слика со Распнатиот Христос, да се сетиме дека Тој, како вистински слуга Господов, го изврши своето послание давајќи го животот и пролевајќи ја својата крв за отпуштање на гревовите. И да не дозволиме да бидеме одвлечени на другата страна кога ќе нѐ нападнат искушенијата на Злиот. Според тоа, ако сакаме да бидеме негови ученици, повикани сме да се угледаме на него, трошејќи го безрезервно својот живот од љубов кон Бог и ближниот.

Блажена Дева Марија која со својот Син била соединета сѐ до Голгота, нека ни помогне да не бегаме од искушенијата и страдањата кои со сведочењето на евангелието со себе го носи за сите нас.

31 август 2020, 10:52