Пребарување

Vatican News
Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 19 јули 2020 Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 19 јули 2020  (ANSA)

Ангел Господов: Божјата трпеливост го отвора срцето за надежта

Во својот пладневен наговор пред молитвата Ангел Господов на 19 јули 2020 година, папата Фрањо ја објасни параболата за семето и каколот. Неговиот наговор го пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри!

Во денешното Евангелие (сп. Матеј 13,24-34) повторно го сретнуваме Исус кој и понатаму со параболи има намера да му зборува на собраниот народ за Царството Божјо. Ќе се задржам на првата, онаа за каколот, со која Исус ни помага да ја спознаеме Божјата трпеливост, отворајќи го нашето срце за надежта.

Исус проповеда дека на полето на кое е посеано доброто семе, исто така никнува и какол, термин кој во себе ги содржи сите штетни треви на нивата. Можеме да кажеме дека и денес почвата е загадена со многу пестициди и хербициди, кој на крајот штетат и на житото и на почвата и на здравјето. Тоа беше мала дигресија. Затоа слугите одат кај господарот да дознаат од каде доаѓа каколот, а тој ѝ одговара: „Човек непријател го прави тоа“ (ред 28). Па ние посеавме добро себе! Непријателот, противникот дојдел и го направил тоа. Тие би сакале веднаш да појдат и да го исплеват каколот кој расте; но господарот вели: Не, затоа што со тоа се ризикува да се исплеви сѐ заедно, и каколот и житото. Треба да се почека до времето за жетва, дури тогаш тие едно од друго ќе се одвојат и каколот ќе се запали. А тоа има многу смисла.

Во таа парабола може да се исчита погледот на светот. Покрај Бог – кој е господар на тоа поле – кој секогаш сее и само добро семе, постои непријател кој сее какол како би спречил пченицата да расте. Господарот делува отворено, во светло на денот, и неговата желба е да има добра жетва. Овој другиот пак, непријателот се користи со ноќта и е воден од зависта, заради непријателството сака да упропасти сѐ. Непријателот на кој се повикува Исус има име, тоа е ѓаволот, тој е голем противник на Бог. Неговиот наум е да го спречи делото на спасение, да направи Божјото царство да се попречува од злотвори, кои се служат со нечесни дела и шират соблазна. Имено, доброто семе и каколот не претставуваат добро и зло во апстрактна смисла, туку нас, човечките битија кои можеме да го следиме Бог или ѓаволот. Колку пати сме слушнале дека во некое семејство, кое живеело во мир, покасно започнале недоразбирања, завист.... населба во која порано владеел мирот, покасно започнале да се случуваат грди работи... и милуваме да кажеме: Некој дојдел таму и посеал какол или тој човек од тоа семејство со озборувањето сее какол. Со ширењето злото секогаш се умножува. И тоа секогаш го прави ѓаволот или нашата напаст: Кога ќе паднеме во напаст на озборување за да би ги уништиле другите.

Слугите сакаат веднаш да го отстранат злото, односно тие луѓе, но господарот е помудар, гледа подалеку. Мора да знаат да чекаат, затоа што поднесувањето на прогонството и спротивставувањата се составен дел од христијанскиот повик. Злото, сигурно, мораме да го отфрлиме, но кон злите луѓе треба да постапуваме трпеливо. Не се работи за лицемерна толеранција, која ја сокрива двосмисленоста, туку за правда која ја ублажува милосрдието. Ако Исус дојде за да ги побара грешниците, повеќе од праведниците, да ги лекува болните, не здравите (сп. Матеј 9,12-13) и нашето делување, на неговите ученици, мора да биде упатено не на уништување на лошите, туку на нивното спасение. Тоа е таа трпеливост.

Денешното Евангелие претставува два начини на делување и живеење. Од една страна е погледот на господарот, кој гледа подалеку, а од друга страна погледот на слугите, кој гледа проблем. На слугите им е важна земја без какол, а на господарот да дојде до добра пченица. Господ нѐ повикува да го преземеме неговиот поглед, концентрирајќи се на добрата пченица која знае да ја заштити и меѓу каколот. Кој се впушта во лов на ограничувања и недостатоци на другите, не соработува добро со Бог, туку оној кој знае да го препознае доброто, кое тивко расте на нивата Црква и живот, негувајќи го до зрелост. Тогаш Бог и само Тој, ќе ги награди добрите и ќе ги казни злите.

Дева Марија нека ни помогне да ја разбереме и да ја имитираме трпеливоста на Бог, кој не сака никој од неговите деца кои ги љуби со татковска љубов да биде загубен.

19 јули 2020, 15:47