Пребарување

Vatican News
Папата Фрањо за време на Генералната аудиенција Папата Фрањо за време на Генералната аудиенција   (Vatican Media)

Генерална аудиенција: Молитвата е крик кон Бог

Папата Фрањо на Генералната аудиенција во средата на 6 мај започна нова серија катехези за молитвата, и зборуваше за слепиот Вартимеј од Евангелието според Марко, истраен човек на кој Исус му рекол: „Оди си, верата твоја те спаси!”

Молитвата е најубавиот израз на верата во Бог; крик кој излегува од срцето на оној кој верува и се доверува на Бог – со тие зборови кажани во катехезата која ја одржа на Генералната аудиенција во средата на 6 мај 2020 година, папата Фрањо започна нова серија катехези посветени на молитвата. По размислувањата за блаженствата, на Генералната аудиенција која се одржа во библиотеката на Апостолската палата во согласност со мерките одредени заради пандемијата од коронавирусот, Папата зборуваше за слепиот просјак Вартимеј, лик од Евангелието според Марко, кој му е – како што рече -  најсимпатичен од сите.

Тој човек влегува во Евангелието како глас кој вика колку што е можно посилно. Тој не гледа; не знае дали Исус е блиску или далеку, но чувствува, го сфаќа тоа преку мноштвото кое во еден момент се зголемува и се приближува. Но, потполно е сам, никој не се грижи за него. Уште повеќе неговиот вик им смета на другите, го укоруваат, го замолчуваат, но Вартимеј истрајува – рече Папата и додаде: Тоа е толку убава тврдоглавост на оние кои бараат милост и чукаат на вратата на Божјото срце.

Вартимеј тогаш вика уште посилно: „Сине Давидов, помилуј ме!“ Изразот „Сине Давидов“ е многу важен – рече Папата. Тој во Исус препознава Месија; тоа е исповед на верата која излегува од устата на тој човек кој сите го презираат. И на крајот, Исус го услишува неговиот крик. Го доведуваат и го прашува што сака. Тоа е важно; неговиот крик тогаш станува барање: „Да прогледам, Учителе!“ Оди, верата твоја те спаси! – му рече Исус. Во тој сиромашен, беспомошен, омаловажен човек ја препознава целата сила на неговата вера која го привлекува Божјото милосрдие и моќ – рече Папата.

Потсетувајќи дека во Катехизмот на Католичката Црква стои дека понизноста е темелот на молитвата (ККЦ бр. 2559), Папата објасни дека таа произлегува од нашата бедна состојба, од нашата постојана жед за Бог. Верата е, видовме кај Вартимеј, крик – напомена и додаде: Не-верата значи да го загушиш тој крик. Луѓето кои го замолчувале не биле луѓе на верата; тој напротив е. Гушењето на неговиот крик означува некој вид на потиснување. Верата е протест против бедната состојба чија причина не ја разбираме; не-верата пак значи да се ограничиш на поднесувањето на некоја состојба на која сме се прилагодиле. Верата е надеж дека ќе бидеме спасени; не-верата е привикнување на злото кое нè угнетува – истакна Папата.

Светиот Отец потоа објасни дека новата серија катехези започнува со крикот на Вартимеј затоа што – како што рече - во ликот како што е неговиот можеби веќе сè е напишано. Вартимеј е истраен човек кој не замолкнал пред луѓето кои му зборувале дека залудно вика, дека неговиот вик е само врева која пречи. И на крајот го добил она што го сакал.

Посилен од било какви спротивни толкувања, во човечкото срце се наоѓа глас кој повикува. Сите во себе го имаме тој глас – рече Папата и додаде: Тој глас излегува спонтано; никој не управува со него; тој е гласот кој се прашува за смислата на нашето одење овде на земјата, најмногу кога ќе се најдеме во темнина: „Исусе, сине Давидов, помилуј ме!“ Таа е убава молитва.

Нели се тие зборови можеби врежани во целото создание? – праша Папата и истакна: Сите ги повикува и се моли таинството на милосрдието да го пронајде своето конечно исполнување. Не се молат само христијаните; тие го делат крикот на молитвата со сите мажи и жени – потсети и истакна дека свети Павле во Посланието до Римјаните вели дека „сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат досега“ (Рим 8,22). Тивок е тој крик на созданието, кое го потикнува секое создание, а произлегува најмногу од човечкото срце, затоа што човекот е „просјак пред Бог“ – рече Папата наведувајќи зборови од Катехизмот на Католичката Црква и додаде: Колку е таа убава дефиниција за човекот – просјак пред Бог.

На крајот од адуенцијата Папата потсети дека во петок на 8 мај од богородичното светилиште во Помпеја ќе се воздигне силна молитва до Пресвета Богородица од Бројаницата и поттикна сите духовно да се придружат на таа народна побожност за да подари Господ милосрдие и мир на Црквата и на целиот свет преку застапништвото на Дева Марија.

07 мај 2020, 09:51