Пребарување

Vatican News
Ангел Господов на 22 март 2020 Ангел Господов на 22 март 2020  (Vatican Media)

На пандемијата на вирусот да одговoриме со пандемија на молитва

Папата во недела 22 март 2020 година по пладневната молитва повика на молитвата Оче наш со христијаните од сите вероисповеди во среда на 25 март и на молитвата Обожавање на светата Причест и благословот „Urbi et orbi“ во петок на 27 март во 18.00 часот, на празен плоштад пред базиликата Свети Петар. На крајот Папата ја изрази својата близина на населението во Хрватска кое утрово е погодено од земјотрес

Во овие денови на искушенија, кога човештвото се тресе од заканата од пандемијата на коронавирусот, би сакал да им предложам на сите христијани заедно да повикаат кон небо – рече папата Фрањо по пладневната молитва во неделата и додаде: Ги повикувам сите поглавари на Црквите, водачите на сите христијански заедници и сите христијани со различни исповеди заедно да го повикаме Севишниот и Семоќниот Бог, изговарајќи ја молитвата на која нè научи нашиот Господ Исус. Па, сите ги повикувам да молат Оче наш следната среда на 25 март на ладне. На денот кога многу христијани се сеќаваат на навестувањето на овоплотувањето на Словото Божјо во Дева Марија, нека Господ ја слушне еднодушната молитва од сите свои ученици кои се подготвуваат да ја слават победата на Христос Воскреснатиот.

Со таа иста накана следниот петок на 27 март во 18.00 часот на празниот плоштад пред базиликата Свети Петар ќе ја предводам молитвата – рече Папата и напомена: Уште сега сите ги повикувам на духовно учествување преку социјалните медиуми. Ќе Го слушаме Словото Божјо, ќе ги воздигнеме своите молитви и ќе ја обожаваме Пресветата Евхаристија, по што ќе го поделам благословот „Urbi et orbi“ на кој ќе биде придружена можноста за примање на потполн опрост. На пандемијата на вирусот сакаме да одговориме со општа пандемија на молитвата, сочувствувањето и нежноста. Да останеме обединети.

Да ја искажеме својата близина на луѓето кои се во голема осаменост и искушенија; на лекарите, на здравствените работници, на болничарите и медицинските сестри, на волонтерите; на властите кои мора да донесуваат остри мерки за нашето добро; на полицијата и војската која на улиците секогаш се обидува да го одржува редот, за да се извршуваат работите кои владата ги бара за доброто на сите нас. Да искажеме близина на сите! Својата близина ја изразувам на населението во Хрватска кое утрово го погоди земјотрес. Нека Господ Воскреснатиот им даде сила и солидарност за да можат да се соочат со таа несреќа – рече на крајот Светиот Отец.

23 март 2020, 16:25