Пребарување

Vatican News
Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов (9 февруари 2020) Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов (9 февруари 2020)  (Vatican Media)

Папата: Црквата да не биде затворен простор, туку да се троши за сиромашните и најслабите

Црквата не може да се затвори во себе пред насилството, неправдите и угнетувањето, туку мора да биде заедница во служба на најслабите – рече папата Фрањо во неделата на 9 февруари пред молитвата Ангел Господов, и истакна дека задачата на христијанинот е да се спротивстави на гревот и на моралното пропаѓање и да ја растера темнината, светејќи со Христовата светлина.

„Вие сте сол на земјата. Вие сте светлина на светот.“ Тие се Исусовите зборови до учениците – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар и истакна: Тој го користи симболичкиот јазик за да им покаже неколку критериуми за живиот и сведочење во светот на оние кои имаат намера да Го следат.

Солта дава вкус, ја чува и штити храната од расипување – рече Папата и напомена: Ученикот е повикан да го чува општеството од опасностите и заразните бактерии кои го онечистуваат животот на луѓето. Се работи за спротивставување на гревот и на моралното пропаѓање, сведочејќи чесност и братство, не попуштајќи на овоземските искушенија на моќта и богатството. Оној ученик е сол кој и покрај секојдневните неуспеси се дига од прашината на сопствените грешки, тргнува повторно секој ден храбро и трпеливо, барајќи дијалог и средба со другите. Ученикот е сол ако не бара другите со него во сè да се согласуваат и да го фалат, туку се обидува да биде понизен и конструктивен и верен на Исусовата наука Кој дојде на светот, не за да биде му се служи, туку за да служи. Такво однесување ни треба!

Светлината ја истерува темнината и ни овозможува да гледаме – рече Светиот Отец и истакна: Исус е светлината која ја растера темнината, но таа и понатаму останува во светот и во поединци. Задачата на христијанинот е да ја шири Христовата светлина и да го навестува Евангелието, и на тој начин да ослободува од темнината. Тоа светло мора да произлегува од нашите зборови, а посебно од нашите добри дела. Ученикот и христијанската заедница се светло во светот кога другите ги свртуваат кон Бог, помагајќи на секој да ја искусат Неговата добрина и милосрдие. Исусовиот ученик е светло кога ја живее сопствената вера надвор од ограничените простори, кога придонесува за отстранување на предрасудите и клеветите и го внесува светлото на вистината во ситуациите кои се загадени од лицемерство и лаги.

Исус нè повикува да не се плашиме да живееме во светот, па и ако во него наоѓаме конфликти и грев. Пред насилството, неправдите и угнетувањата, христијанинот не може да се затвори во себе или да се сокрие во својата сигурност. Црквата не може да го напушти своето послание на евангелизација и служење. Црквата великодушно и нежно се троши за најмалите и сиромашните, го слуша крикот на најслабите и исклучените, затоа што е свесна дека е заедница на ходочасници, повикана во светот да го пренесува спасителното присуство на Исус Христос. Нека Пресвета Богородица ни помогне да бидеме сол и светлина меѓу луѓето, носејќи ја на сите со животот и со зборовите Радосната вест за Божјата љубов – заврши папата Фрањо.

10 февруари 2020, 10:46