Пребарување

CARDEAL-PIZZABALLA-2-2--rsz.jpg

Кардиналот Пизабала предупредува за глад во Светата Земја

Во интервју за италијанската телевизија ТВ2000, латинскиот патријарх на Ерусалим, кардиналот Пјербатиста Пицабала, предупреди дека сега за прв пат во Светата Земја се јавува проблемот со гладот, пренесува Kathpress во петокот, 22 март 2024 година.

„Ситуацијата е објективно неподнослива. Секогаш сме ги имале сите можни проблеми, економската и финансиската состојба секогаш беше многу кревка, но никогаш немавме глад. Ова е првпат да се соочиме со тоа“, рече тој.

„Сите верски, политички и општествени заедници мора да направат сѐ што е во нивна моќ за да се надмине оваа ситуација“, рече кардиналот Пизабала.

Кардиналот е воздржано оптимист во врска со изгледите палестинските христијани да добијат пропусници за да учествуваат на велигденските богослужби на светите места. Ќе биде „тежок Велигден“, додаде тој.

Патријархот смета дека слабоста на Соединетите Американски Држави во меѓународен контекст е факторот кој влијае на промената на околностите.

„Досега секогаш имаше некој што ќе ги исправи работите овде. Тоа повеќе го нема, сега треба сами да го решиме. Но, повеќе не знам како и кога тоа ќе се случи“, рече кардиналот.

Во друго интервју, кое го даде за весникот Ла Стампа, кардиналот Пизабала повика на прекин на огнот.

„Потребен ни е итен прекин на огнот. (...) Луѓето од Појасот Газа ја достигнаа крајната граница. Веќе шест месеци се во крв и смрт“, рече тој. На исцрпеноста и очајот сега им се придружува загрижувачкото „море на омраза, горчина и чувства на одмазда“, објасни ерусалимскиот патријарх, додавајќи дека тоа ја уништува секоја надеж за подобрување на ситуацијата.

Промената е можна, продолжи тој, само доколку Западот го зголеми дипломатскиот притисок. Западот мора да се обиде сè за да ги убеди завојуваните страни во неопходноста од договор и мора да размислува за животот на луѓето во Светата Земја. Тој притисок мора да го вршат првенствено Соединетите Американски Држави, рече кардинал Пизабела.

Не е задача на Црквата да дејствува како посредник, тврди кардиналот Пизабала. Таа улога, продолжи тој, веќе ја имаат другите и нема смисла да се создаваат споредни канали. Задачата на Црквата, појасни, е да го олесни дијалогот и да создаде предуслови за него.

Додека двете страни се обидуваат да наметнат сопствено гледање на работите и свои изјави, папата Фрањо се труди да го направи говорот помалку непријателски и помалку агресивен, рече кардиналот. Црквата има свој израз и свој начин на изразување, а во своите изјави секогаш и само се работи за мир, заклучи тој.

25 март 2024, 15:19