Пребарување

2023.12.07 Presentazione delle Lettere Credenziali degli Ambasciatori di Kuwait, Nuova Zelanda, Malawi, Guinea, Svezia, Algeria e Ciad

Папата Фрањо ги охрабри новите амбасадори да работат за мир во светот

Папата Фрањо во аудиенција ги прими новите амбасадори при Светиот Престол на Кувајт, Нов Зеланд, Малави, Гвинеја, Шведска и Чад и повторно истакна дека дипломатската работа, покрај обидот за спречување и решавање на конфликтите, треба да го зајакне и мирниот соживот и човечкиот развој на народите.

Станува збор за трпелива и благородна работа која, сепак, треба да ги промени начините и пристапите, бидејќи ракетното оружје и тенковите кои уште еднаш донесоа оган и крв во премногу делови од светот бараат итна реконфигурација на мултилатералната дипломатија - ова е јасната порака на папата Фрањо до оние кои се посветуваат на преговорите на меѓународно ниво. Тој го направи тоа примајќи шест нови амбасадори во Светиот Престол, од Кувајт, Нов Зеланд, Малави, Гвинеја, Шведска и Чад.

Дипломатија со цел развој

Во светлината на глобалниот опсег на конфликтите кои се во тек - истакна папата Фрањо, меѓународната заедница мора да се соочи, преку мирољубивите дипломатски средства, со предизвикот за пронаоѓање на сеопфатни решенија за големите неправди кои често се нивна причина. Потоа, Светиот Отец продолжи цитирајќи го апостолскиот поттик Laudate Deum и истакна дека мултилатералната дипломатија треба да се стреми да даде конкретни одговори на новите проблеми и да смисли глобални механизми способни да се справуваат со тековните еколошки, здравствени, културни и општествени промени.

Благородната и трпелива дипломатска работа на која се посветувате не треба само да има за цел спречување и решавање на конфликти, туку и кон зајакнување на мирниот соживот и човечкиот развој на народите, поддршка на почитувањето на човековото достоинство, заштита на неотуѓивите права на секој маж, жена и дете, и промовирање модели на целосен економски и човечки развој.

„Градина“ на иднината

Во рамките на факторите за кои треба да се води сметка во дипломатската работа, Папата го вклучува и управувањето со климатските промени, тема на неговиот неодамнешен говор на конференцијата COP28 во Дубаи, која ја прочита неговиот пратеник, државниот секретар кардинал Пјетро Паролин. Римскиот бискуп уште еднаш ја истакна надежта дека оваа средба ќе биде историски исчекор во мудар и далекусежен одговор на овие јасни и присутни закани за општото добро.

Иднината на сите нас зависи од сегашноста што ќе ја избереме. Се молиме лидерите на народите да се обединат во спроведувањето на конкретни мерки кои ќе ни овозможат да им предадеме на идните генерации свет посличен на плодната градина што ни ја доверил Создателот да се грижиме и ја управуваме.

09 декември 2023, 15:42