Пребарување

2023.07.25 The General Director of Renovabis visiting Macedonian Caritas, Skopje, North Macedonia

Одбележан Денот на Македонски Каритас

На 5 декември 2023 година со Света Архиерејска Литургија, која ја предводеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко скопски епарх, а воедно и Претседател на Македонски Каритас, во сослужение на отец Зоран И. Стојанов, директор, како и на свештеници од скопската бискупија и струмичко скопската епархија, беше одбележан Денот на Македонски Каритас.

На Светата Литургија присуствуваа г-дин Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со црквите и верските заедници, чесни сестри, членови на црковни движења, волонтери и персоналот на Македонски Каритас.

Во првиот дел од својата хомилија бискупот Стојанов зборуваше за добрината и за тоа дека човекот никогаш не треба да се откаже од правењето добро на другите, бидејќи тоа може само да ни го разубави животот. „Понекогаш е доволна мала искра за да се запали голем оган. Една искра на добрина е доволна за да го промени светот. Љубовта е единственото богатство што се множи со споделување, единствениот подарок што расте со скромност“, подвлече бискупот Стојанов меѓу другото. Упатувајќи честитки за Денот на Каритас, бискупот Стојанов посака Божјиот благослов да биде секогаш застапен во дејноста на Каритас.

Свое поздравно обраќање имаше и отец Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас, кој поздравувајќи ги присутните во името на целиот персонал на Каритас, рече: „големиот „капитал“ што Исус им го остави на луѓето е љубовта Господова, основата на нашиот живот и силата на нашето патување; На луѓето им останува, како што е наведено во параболата (Мт. 25.14-30), да изберат што ќе прават со него. Можеме да го умножиме она што сме го примиле, правејќи го животот принос на љубов за љубов, или можеме да живееме блокирани од лажната слика за Бога и да ги скриеме богатствата што сме ги добиле под земја, од страв, мислејќи само на себе, не воодушевувајќи се за ништо друго освен за нашите задоволства и интереси, не трудејќи се“. Директорот отец Зоран апелираше на помош и подршка за Каритас не само од присутните, туку и од сите луѓе со добра волја, како би можело да се помогне на оние кои се во потреба, а и за исполнување на мисијата на Каритас.

Програмата предвидуваше и видео со преставување на работата и активностите на Македонски Каритас во рамките на регионалниот проект РЕМАП.

Одбележувањето на Денот на Каритас заврши со заедничко агапе во просториите на Македонски Каритас.

Претходно во просториите на Македонски Каритас во Скопје се одржа редовна седница на Управниот одбор, со која претседаваше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх, Претседател на Македонски Каритас.

06 декември 2023, 12:45