Пребарување

2023.11.20 Donation from the Embassy of the Sovereign Order of Malta to the General Hospital in Gevgelija, North Macedonia

Донација од Амбасадата на Суверениот воен ред на Малта за Општа болница Гевгелија

Амбасадорот на Суверениот Воен Ред на Малта во Македонија донираше медицински апарати и опрема за потребите на Општата Болница во Гевгелија

Амбасадорот на Суверениот Воен Ред на Малта во Македонија, Неговата Екселенција Франческо Саверио Џуисти, на 17 ноември 2023 година донираше ECG апарат, аспиратор за сукција, апарат за притисок, куфери за ампуларна терапија, сет шанцови кравати, сет имобилизатори, имобилизатори за глава, фиксационен систем, прегледен кревет, телескопски параван, сталки за инфузија за потребите на Итната медицинска помош која е дел на Општата Болница во Гевгелија.

Церемонијата за донација на медицинските апарати и опрема се одржа во просториите на Општата Болница во Гевгелија во присуство на Амбасадорот Џуисти, Директорот на болницата д-р Александар Киров како и останатиот персонал на болницата. На состанокот беше договорено дека и во текот на следната година Амбасадата ќе продолжи да ја поддржува болницата.

Во попладневните часови амбасадорот Џуисти ја посети Струмица, каде беше примен од директорот на Радио Марија отец Гоце Костов. По разгледувањето на просториите на радиото амбасадорот Џуисти во срдечна амтосфера беше запознат со работата и посланието на Радио Марија во Македонија, програмската содржина и настојувањето на Радио Марија да работи за хармонија и единство во општеството.

За време на престојот во Струмица, амбасадорот Франческо Саверио Џуисти со неговата придружба ја посети црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ и Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“.

На крајот го посетија и Едукативниот Центар на Македонски Каритас во Сарај (општина Босилово), каде што добредојде му посака парохот и координаторот на Македонски Каритас во Сарај, отец Ванчо Назов, кој го запозна за историјата на парохијата Свети Димитриј, како и со работата на Едукативниот Центар - Сарај.

20 ноември 2023, 10:51