Пребарување

Vatican News
Епископот Стојанов на света Литургија во Радово  (архивска слика) Епископот Стојанов на света Литургија во Радово (архивска слика) 

Прва света Причест во парохијата „Свети Пророк Илија“ - Радово

На 4 јули 2021 година, недела втора по Духови и празник на Пресветата Евхаристија, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов служеше Света Архиерејска литургија во парохијата „Свети Пророк Илија“ во Радово каде 18 Првопричесници го примија Исуса во светото Причастие.

Во сослужение со Неговото Преосвештенство беше: протоереј ставрофор д-р Зоран И. Стојанов, парох и декан, капеланите: о. Трајче Ташев и о. Илија Стојанов и о. Вначо Назов, парох во Сарај и Чанаклија, на светата Литургија присуствуаа родителите, роднини и пријатели на првопричесниците, нивните вероучителки Сестрите Евхаристинки и голем број верници.

Во својата проповед Неговото Преосвештенство најнапред се осврна на празникот на Пресветата Евхаристија, а воедно ги искажа и своите честитки кон Сестрите Евхаристинки кои се посветени на Пресветата Евхаристија, потоа се обрати и до Првопричесниците при што истакна:  

„Пресветата Евхаристија што ја примаме на Светата литургија ни помага да бидеме поблиску до Христос, неговиот живот и дело. Зарем не е чудесна нашата Евхаристија? Господ - творецот на целиот универзум, сè што постои, сè што гледаме и не гледаме - на чудесен начин се става во парче леб и капка вино како ние луѓето би можеле да го примиме. Ниту еден од нас, ниту еден човек, не може да ја сфати оваа тајна. Ниту еден човек не може да сфати како е можно тоа. Ниту еден уред за мерење или технички инструмент не може да го докаже ова. Но, повторно - тој е таму на таков скромен и едноставен начин - а сепак толку возвишен и мистериозен. Таа скромна возвишеност за прв пат во себе ќе ја примат нашите првопричесници.

Драги првопричесници, денот на вашето прво свето Причастие е ден на радост и очекување: кога Исус под видот на леб и вино за првпат доаѓа во вашите чисти, невини детски срца. Затоа радувајте се и благодарете на Бога за овој среќен ден.

Овој ден е ден на радоста и за вашите драги родители. Кој татко и мајка нема да се радува на среќата на своето дете, кога го прима Исус и станува едно со Исус! Овој ден, драги родители, воедно за вас е и награда за сета ваша грижа околу вашето дете, за сиот ваш труд и подготовки околу своето дете.

Овој ден е радост и за сите нас овде присутни, помислата на детството и  денот на нашата прва света Причест.

Овој ден е радост и за самиот Исус. Тој чезнее за човечките души! Особено за душите на децата. Негово живеалиште, драги деца, не смее повеќе да бидат витлеемските јасли, туку човечките срца, вашите срца! Примете го со побожни срца и полни со љубов и останете секогаш верни на Исус во Пресветата Евхаристија до последната воздишка на вашиот живот“ - рече владиката Стојанов.

05 јули 2021, 09:07