Пребарување

Vatican News
2021.06.05 The feast of the Eucharist was celebrated in Skopje, North Macedonia

Во Скопје прославен празникот на Пресветата Евхаристија – Телово

Во Катедралаа „Пресвето Срце Исусово“ Во Скопје во четврток 3 јуни 2021 година беше прославен празникот Пресвета Евхаристија – Телово. Понтификалната света Литургија ја предводеше Н.В.П. монс. Киро Стојанов во сослужение со Катедралниот парох и декан дон Паво Шекерија и о. Марјан Ристов, канцелар. На Литургијата присуствуваа и Чесните Сестри меѓу кои и Сестрите Евхаристинки кои се посветени на Пресветата Евхаристија и мноштво верници. Како и минатата така и оваа година отпадна Евхаристиската процесија заради сѐ уште присутната пандемија Ковид – 19.

Во својата проповед бискупот Стојанов рече: Секоја недела или секој ден, примаме или имаме можност да примиме духовна храна – здрава и обилна на светата Евхаристија. Оваа духовна храна ја добиваме преку Божјото Слово, преку собраната заедница во името на Исус, преку светото причастие, заедничката молитва, заедничките духовни песни.

Но, ако тие духовни калории не ги вградиме и не ги искористиме за некоја активност во форма на добри дела, прошка на ближниот и непријателите, изразена љубов кон сопругата, сопругот, децата, соседите, пријателите, тогаш стануваме преокупирани со самите себе и себични.

Исто и храната што ја примаме, ако не се користи за одредена физичка активност, се депонира во форма на масно ткиво или влијае негативно на нашите крвни садови или срце; така и таа обилна духовна храна, ако не се користи за некоја духовна активност, духовни добра, се наталожува во нас и може да му наштети на нашиот духовен живот.

Што, всушност, тоа значи? Тоа значи дека треба да се даруваме за другите, бидејќи тоа е повикот на Исус Христос и тоа е пораката на денешниот празник и денешните читања – како што Христос се даде за нас и како што сè уште ни се дава за храна, така и ние треба да се даруваме  едни за други. Ова е и Исусова желба – да им го правиме на другите она што тој го прави за нас. И навистина, нема поголема радост за Исус одошто да ја дадеме на другите таа љубов што ни ја дал Исус – и дека љубовта не е некоја апстрактна, возвишена и неостварлива – туку многу конкретна и можна да се реализира во животот. Таа љубов е изразена во гестот што Исус го направи на Тајната вечера – им ги миеше нозете на учениците. Таа љубов е онаа што ја покажа Исус кога ѝ прости на прељубницата кога тие т.н. праведници и без грев сакаа да ја каменуват. Таа љубов е онаа што ја покажа Исус кога тагуваше за мртвиот Лазар. Таа љубов е онаа што ја покажа Исус кога влезе во домовите на даночниците и грешниците и јадеше со нив. Таа љубов е онаа што ја покажа Исус кога отиде на дрвото на крстот за наше спасение и откуп. Таа љубов е онаа што Исус секојдневно и секојпат ја покажува кога ни се дарува во малото парче леб и голтка вино. Тоа е оваа возвишена и божествена љубов на која сме повикани – да се даруваме за другите, да ги сакаме другите, да простуваме, да се жртвуваме за другите, да сочувствуваме со другите, да бидеме тука за другите.

Пресветата Евхаристија што ја примаме при Светата Литургија ни помага да бидеме поблиску до Христос, неговиот живот и дело. Христос преку малото парче леб влегува во нас – во секој атом на нашето битие. Не дека станува како нас, туку дека ние стануваме како него, дека стануваме Христови, христијанизирани или христијани што значи едно и исто, истакна монс. Стојанов.

 

04 јуни 2021, 11:03