Пребарување

Vatican News
2019.04.20 Mons. Kiro Stojanov, Vescovo di Skopje, Macedonia

(ВИДЕО) Велигденска честитка на монс. Киро Стојанов

По повод престојниот празник Воскресение Христово, Н.В.П. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх упати велигденска честитка која ја пренесуваме во целост.

Преку страданието Христос ни ја покажа големината на својата љубов

Драги браќа и сестри, и оваа година, за време на постот и пред велигденските празници, нè придружуваат истите неволји од пандемијата КОВИД-19, за која верувавме дека во меѓувреме ќе помине. Се чини дека и оваа година ќе треба да се соочиме со истите проблеми како и минатата за празнувањето на Велигден. Чувствуваме како издишуваме под товарот што нè угнетува и го молиме Господарот на историјата да погледне на оваа земја да нè избави од секоја неволја и да нè ослободи од страданијата.

Додека во мислите и молитвите сме со нашиот народ овде, како верници, скоро се чувствуваме како да нѐ достигнуваат прашања, прашања за страдањата што Бог ги дозволува во светот. Треба да ни се каже дека Бог е секогаш тажен од секое страдање во светот, особено страдањето на сиромашниот што нема кој да му помогне. Тој не ужива во страдањата на човекот, но преку неговото страдање, преку страдањето на неговиот Син Исус Христос ни ја покажа силата на неговата љубов. А, ние сме Исусови ученици, постојано во школата на нашиот Учител и Господ. Страдањето е одлика на вистинското учење. Ученикот не е над својот Учител. Тој ги понесе нашите болести, а нашите болки ги зеде врз Себе. Сам се понуди на смрт и меѓу лошите беше вброен, да сноси гревови на многумина и да се залага за злосторниците. (сп. Исаија 53,4-13). „Исусовото страдање на крстот можеме да го набљудуваме како предупредување за човекот да не прави зло, но и како Божја емпатија (сочувство) со човечките суштества заради толку многу нејаснотии во животот, заради несовршеноста на светот“ (Л. Марковиќ).

Живееме во свет во кој, според своите можности, сакаме да му помогнеме и да го подржиме секој човек што се наоѓа во неволја, да им пружиме утеха на ужалените и да будиме надеж кај оние што го љубат Бога дека Бог ќе ги обдари со добро. Ние не сме во состојба да правиме големи работи за да му помогнеме на нашиот народ во ова тешко време, но тоа на прекрасен начин со едноставни зборови многу убаво го кажа нашата светица Мајка Тереза: „Во овој живот не можеме да правиме големи работи. Можеме да правиме само мали работи со голема љубов.“ На овој начин секогаш можеме да си помогнеме едни на други со „голема љубов“ и со тоа да ја размножуваме радоста меѓу себе, да покажеме љубов и да ја зајакнеме надежта.

Воскреснатиот Господ е постојано присутен во својата Црква. Тој е со нас до крајот на светот. Верата во воскресението Исус ја поврзува со својот живот: „Јас сум воскресение и живот!“ Тој е наша надеж и сила во секојдневниот живот. Нека ни даде радост и мир за овие велигденски празници. На сите вас ви посакувам среќен Велигден! Христос воскресе! Навистина воскресе!

Ваш бискуп/владика

+Киро Стојанов

 

елигденска честитка на монс. Киро Стојанов
06 април 2021, 09:00