Пребарување

Бискупот Стојанов Бискупот Стојанов 

Писмо на епископот Стојанов по повод Неделата на Словото Божјо

По повод Неделата на Словото Божјо, која Црквата оваа година ја слави на 24 јануари, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. д-р Киро Стојанов упати писмо до свештенството, монаштвото и верниот народ на Скопска бискупија и Струмичко – скопската епархија, кое го пренесуваме во целост.

Во пресрет на Неделата на Словото Божјо

Во пресрет на Неделата на Словото Божјо сакам да потсетам на Апостолско писмо на Светиот Отец „Aperuit illis“ од 30 септември 2019 година, во која одреди третата недела од литургиската година да биде посветена на Словото Божјо при што истакнува три важни аспекти и тоа: славење, проучување и ширење на Словото Божјо (сп. Aperuit illis, 3). За да ја покаже важноста на Светото Писмо Светиот Отец го цитира свети Јероним, кој вели: „Непознавањето на Светото Писмо е непознавање на Христа“ (сп. Aperuit illis, 1).

Големата улога на Словото Божјо во животот на Црквата и верниот народ ни ја отсликува светата Литургија, која има два олтара: едниот е олтарот на Словото Божјо, а другиот олтарот на Телото и Крвта Христова и затоа мораме да растеме во познавањето на Светото Писмо и Воскреснатиот Христос, кој продолжува да зборува со своето Слово и да го прекршува лебот во заедницата на верниците. (сп. Конгрегација за богослужби и дисциплина на Светите Тајни, Забелешки за Неделата на Словото Божјо, Прот. бр. 602/20). А нашиот Господ Исус Христос, кога беше искушуван во пустината ќе каже: ‚Не само од леб ќе живее човекот, а од секој збор што излегува од устата на Бога.‘ (Матеј 4,4; сп. 5 Мојсеева 5,3).

Драги браќа свештеници, со нашето грижливо навестување на Словото Божјо преку проповедите кои излегуваат од срцето и се плод на длабоко размислување и медитација, а проткаени со личното искуство на верата да им помогнеме на нашите верници да го откријат вистинското богатство и радост на Словото Божјо како што тоа го искажува Псалмистот: Се радувам на Твоето слово, како оној кој нашол големо благо (Псалм 118,162). Како што знаете од ваше лично искуство Светото Писмо не е обична книга, туку е живо Слово Божјо, кое и денес на конкретен начин во нашето секојдневие ни зборува преку Црквата и тоа е она за што копнее човекот и затоа со голема љубов и ревност да го навестуваме на верниот народ уште подлабоко да го открие Божјиот говор за да може да расте во верата и мудроста. Токму затоа свети Павле пишува: верата доаѓа од слушање, а слушањето – од Словото Божјо (Римјаните 10,17).

Со оглед на актуелната здравствена криза и одредени ограничувања за пасторалните активности, почитувајќи ги мерките на надлежните институции, би сакал со вас и верниот народ да споделам неколку поттикнувања, совети и охрабрувања поврзани со Неделата на Словото Божјо.

– Доколку парохијата поседува свечен Евангелијар, тогаш нека се користи во Неделата на Словото Божјо и нека се постави на соодветно почесно место, а во проповедта нека се истакне важноста на Словото Божјо во животот на Црквата и верниците;

– Нека се пронајдат соодветни начини да се поттикнат верниците да го читаат секојдневно Светото Писмо, посебно дневните литургиски читања, а најдобро е тоа да го прават во кругот на семејството и заеднички да размислуваат за него;

– Можете да ги повикате верниците во Црквата да ги донесат своите Библии за благослов, а потоа нека се поттикнат да го постават на најпочесното место во нивниот дом;

– Кога епидемиолошките услови ќе дозволат, зависно од можностите во парохиите, нека се поттикнат пасторални иницијативи, со кои ќе им се приближи Словото Божјо на верниците;

Пресвета Богородица која понизно прифати во неа Словото да стане Тело, нека ни помогне истото тоа Слово да биде и во нас живо и да нѐ води на патот до светоста.

Со благослов во Господа

 + Киро Стојанов,

бискуп

23 јануари 2021, 17:03