Пребарување

Vatican News
2020.10.05 Padre Zoran I Stojanov ha celebrato il 25 giubileo sacerdotale 2020.10.05 Padre Zoran I Stojanov ha celebrato il 25 giubileo sacerdotale 

Прославен 25. годишниот свештенички јубилеј на о. Зоран И. Стојанов

Парохијата „Свети пророк Илија“ од Радово го просла ви празникот Марија од Назарет и воедно 25. годишниот свештенички јубилеј на парохот о. Зоран И. Стојанов

Во недела 4 октомври 2020 година со свечена архиерејска Литургија предводена од Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх во парохиската црква „Свети пророк Илија“ во Радово е прославен празникот Марија од Назарет и воедно 25 годишниот јубилеј од свештеничкото ракополагање на о. Зоран И. Стојанов, парох во Радово.

На светата Литургија присуствуваа свештениците од Струмичко – скопската епархија и Скопска бискупија, чесни сестри Евахристинки, сестри Ќерки на христијанската љубов и сестри Мисионерки на Божјата љубов, потесното семејство на славеникот со сопругата Марика и децата Филип, Наталија и Кирил, претставници на движењето Фоколарини и Неокатехуменски пат, градоначалникот на општина Босилово, Зоран Зимбаков со сопругата, како и бројни родни, пријатели и верници од парохијата и други места.

На почетокот од својата проповед епископот Стојанов истакна дека со оваа света Литургија покрај копатронот на парохија во Радово, Марија од Назарет воедно го прославуваме и 25. годишниот свештенички јубилеј на о. д-р Зоран И. Стојанов, декан и парох во Радово, кој во 1995 година беше ракоположен за свештеник од тогашниот владика Н.В.П. монс. д-р Јоаким Хербут.

Исцртувајќи го животниот пат до свештенството и 25 години свештеничко служење на о. Зоран И. Стојанов, епископот Стојанов рече: „Но, она што е повредно од деталите за животот што тече, тече и се влева во вечноста, секако е прашање и инспирација за и со човек кој 25 години опстојува на својот свештенички позив, верност на олтарот и на Црквата, човек посветен на Бога, многупати изложен на недоразбирање, па и можна осуда. Надеж со човек кој, и покрај многуте тешкотии, останува верен на својот позив и продолжува да се грижи не само за својот, туку и за животот на своето семејство, на своето духовно стадо, обидувајќи се да го прилагоди на овие нови, белосветски услови. Крајната причина за оваа упорност не се наоѓа во некои психолошки или антрополошки анализи и извештаи, туку во длабоката верба, верувањето дека во самракот на долгиот и исцрпувачки работен век ќе биде повикан пред Господарот на вселената и ќе ја прими својата заслужена плата на небото. И ние духовните лица сме само обични луѓе од крв и месо, без оглед на големото достоинство на нашата служба и мисија, не станува збор за достоинство на некоја личност, што би било поголемо од достоинството на било кој друг човек. Можеби е така, но важно е да се знае дека достоинството на службата на свештеникот потекнува од фактот дека тој е посветен чувар и делител на Светите Тајни.“

Својата проповед епископот Стојанов ја заврши со зборовите: Драги Јубиланте, секој од тука присутните луѓе те има доживеано на свој начин. Секој од нас има некој си свој спомен, своја меморија – да не се двоумиме што понекогаш се и не толку идилични. Дел од настаните од сега веќе богатиот и разнолик живот го споделивме денес овде, а сѐ со цел да бидат вдахновение и поттик едни кон други а посебно кон младите за кои силно се заземаш, секогаш се исплати да се биде човек, да се биде добар човек, да се биде добар христијанин и да се биде добар свештеник. За многу пријатели и познати, за многу парохијани си и ќе бидеш поттик на ваков или онаков начин. Јас, како владика но и како твој роден брат, заедно со потесното и пошироко наше семејство и со сите браќа свештеници и верници ти благодариме за твоето 25. годишно верно служење на Бога и Божјиот народ и воедно молам застапништво пред Бога од света Мајка Божја Назаретска, чиј што голем почитател и обожавател си, да се застапува за тебе пред Бога и натаму да останеш верен Божји служител за доброто на твоето ти поверено стадо и Христовата црква и нека во сето тоа те прати Божјиот благослов. Амин.

По проповедта беше прочитан Папскиот благослов за 25. Годишниот јубилеј на о. Зоран, како и честитката од апостолскиот нунциј Анселмо Гвидо Пекорари. Кон крајот на светата Литургија на о. Зоран Стојанов му беше упатена благодарност за неговиот 25 годишен свештенички ангажман во име на парохјаните, додека о. Георги Трајков во име на свештениците му врачи икона на свети апостол Јуда Тадеј, по што следуваше кратко обраќање на славеникот, во кое тој се заблагодари на честитките и молитвите.

Свеченоста заврши со благослов на епископот Киро Стојанов со моштите на свети Јуда Тадеј, кој потоа беа изложени во моштохранителницата изработена токму за овој празник и поставена во црквата.

На многаја и благаја лета!

05 октомври 2020, 12:36