Пребарување

Vatican News
Тезе средбата на млади 2020 година ќе се одржи  во Торино Тезе средбата на млади 2020 година ќе се одржи во Торино 

Торинското платно ќе биде изложено за јавноста во декември 2020

Надбискупот Чезаре Носиглија го најви вонредното изложување на Торинското платно по повод следната екуменска новогодишна средба на млади која во Торино, во декември 2020 година ќе ја организира Заедницата од Тезе

Торинското платно ќе биде јавно изложено во декември оваа година. Тоа го најави изминатите денови надбискупот Чезаре Носиглија, а повод за изложувањето ќе биде 43. екуменска новогодишна средба на млади во организација на Заедницата од Тезе, која ќе се одржи во Торино од 28 декември 2020 до 1 јануари 2021 година. Платното последен пат е изложено пред пет години од 19 април до 24 јуни 2015 година и во таа прилика го видоа повеќе од 2 милиони ходочасници од целиот свет.

Имено, Торинското платно се чува во катедралата во тој град на северот од Италија и не е изложено во јавноста, освен во посебни прилики. Долго е 4 метри и 41 сантиметар, а широко е 1 метар и 13 сантиметри и на него е втиснат ликот на маж чие тело било покриено со рани кои укажуваат дека пред смртта бил мачен и распнат. Според традицијата се верува дека во тоа платно било завиено телото на Исус Христос после неговата смрт на крстот. Иако на него се спроведени серија истражувања, тоа тврдење сè уште не е докажано. Меѓутоа заради карактеристичните контури на ликот кое на него е прикажан, Торинското платно помага да се разбере и да се размислува за драматичната реалност на Исусовото страдање. Заради тоа свети Иван Павле II го нарече „огледало на Евангелието – стои на интернет страницата на комисијата задолжена за светото платно при Торинската надбискупија.

Торино и екуменската заедница од Тезе се поврзани веќе со децении. Голем број на млади редовно патуваат од Пиемонт до Tезе за да учествуваат на „Поклонение за доверба на Земјата“, додека во самиот град на свети Иван Боско последните години се одржани бројни и значајни молитвени настани кои ги промовира Канцеларијата за пасоторал со млади на Торинската надбискупија заедно со групата „Торино го среќава Тезе.“

Надбискупот на Носиглија свика конференција за печат, во петок на 3 јануари, во просториите на Торинската надбискупија, за да ја претстави иницијативата поврзана за 43. екуменска новогодишна средба на млади. Црквата во Торино ќе се подготвува за да даде гостопримство на илјадниците млади во семејства и заедниците, како и на организираните средби и работилници. Освен тоа, се очекува дека за младите учесници на таа средба во декември оваа година ќе биде предвидено и време за контемплација над Торинското платно.

08 јануари 2020, 16:35