Пребарување

Vatican News
Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Сараево Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Сараево  (AFP or licensors)

Бискупот Стојанов одржа проповед пред почетокот на заседанието на Бискупската конференција на БиХ

Во недела, 3 ноември 2019 год. во 18 часот во катедралата Срце Исусово во Сараево, пред почетокот на 77. редовно заседание на Бискупската конференција на Босна и Херцеговина бискупите славеа Света Литургија.

Евхаристиското славење го предводеше претседателот на БК на БиХ кардинал Винко Пулиќ, надбискуп митрополит Врхбосански, а пригодна хомилија упати Скопскиот бискуп и епарх Струмичко – скопски монс. Киро Стојанов кој на заседанието учествуваше како делегат на Меѓународната бискупска конференција Свети Кирил и Методиј. Во својата хомилија бискупот Стојанов рече:

„Дозволете ми најпрвин вечерва со вас да ја поделам радоста поради Апостолската посета на Светиот Отец папа Фрањо во Македонија. Благодарни сме на Бог во нашата маленкост што преку оваа посета можевме да ја доживееме Божјата близина. Овој настан ѝ донесе на нашата Црква една нова димензија и охрабрување за сведочењети навестување на Евангелието. Средбите на разни нивоа ја разбудија надежта и дадоа сила на повикот за градење мир, културен живот, соживот и дијалог со другите. Тука во нашата метрополитанска престолнина во име на Црквата во Македонија на која и служам и предводам, сакам уште еднаш да се заблагодарам на братската љубов и постојаната поддршка на членовите на Бискупската конференција на чело со претседателот првосвештеник господинот кардинал Винко.“

Тлкувајќи ги литургиските читања од денот бискупот се праша: „Како сето тоа да се живее, сведочи и пренесува? Ни одговара извадокот од Евангелието според Лука ( Лк 19, 1-10 ) кој на посебен начин е сведок и навестител на милосрдието. Исус влегол во Ерихон, тоа е град на богатство, убавина, но е и симбол и на заедницата која е на лош глас. Го среќаваме човекот по име Закхеј. Се чини дека бил од низок раст и полн со комплекси. Се впуштил во нечесна кариера и дошол до највисокиот степен да биде началник на цариниците. Тоа претпоставува дека бил лукав, амбициозен и на несправедлив начин стекнал големо богатство служејќи му на непријателот, окупаторот на Божјиот народ – Израел. Земал царина од својот народ и ја давал на Римјаните, затоа е разбирливо дека  неговиот народ го презирал, отфрлал и осудувал. Како грешниот Адам се скрил од Бога и се покрил со лист од некое стебло, бидејќи сепак го интересирало кој е тој Исус нов, чуден и провокативен пророк. Не мислел на средбата, само ја задоволил својата страст на љубопитност. Не забележал дека му се доближува некој кој дошол не за да суди, туку за да спаси. Тој, Закхеј, кој не го познавал милосрдието ни тогаш не сфатил, можеби не ни сакал, дека му се доближува милосрдието. Кога си слушнал зборовите на Исус: Закхеј, брзо слези ( Лк 19, 5 ), мислам, дека всушност, паднал од кревет. Изненаден дека некој му се обраќа по име и навестува: Денес ќе бидам кај тебе. Тој е началник на цариниците, а не угостител. Но среќен бидејќи некој сака да го почитува во тој негов град каде сите го мразат. И сега на сцена доаѓаат фарисеите и книжниците кои изгубиле симпатија кон Исус, бидејќи покажал кој е, солидарен кон грешниците, а со тоа – тие мислат – дека и самиот е грешник. Третиот дел на настанот покажува дека се измамиле. Закхеј на вечерата пола од својот имот го дал на сиромашните, а од кој земал несправедливо го враќа четврорно. Чудно покајание, уште почудна е покората, бидејќи се откажал од своето материјално богатство, бидејќи сѐ што стекнал е лага. И затоа Исус можел да коментира: Денес дојде денот на спасение на оваа куќа, бидејќи и тој е син Авраамов син“ ( Лк 19, 9 ).

„Браќа и сестри, со текстот од првото читање сме утешени. Со апостолот Павле сме охрабрени, а со Евангелието сме изненадени. И како да го слушаме Исусовиот глас: Оди и ти прави така. Светот не се спасува со осуда, ни со прекорување, туку с милосрдие. Затоа дојдов, вели Исус, да го побарам изгубеното и да ги ослободам грешните.“

05 ноември 2019, 16:23