Пребарување

Vatican News
Бискупот Стојанов со претставниците на Католичкиот богословски факултет од Загреб Бискупот Стојанов со претставниците на Католичкиот богословски факултет од Загреб 

Бискупот Стојанов го прими деканот на Католичкиот богословски факултет од Загреб

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов во вторникот, 15 Октомври 2019, го прими деканот на Католичкиот богословски факултет во Загреб проф д-р Марио Цифрак, и неговите соработници проф. д-р Ружица Разум, проф. д-р Ненад Маловиќ, проф. д-р Анте Баришиќ како и деканот на Православниот факултет во Скопје проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски.

По искажаното добредојде бискупот Стојанов ја изрази својата радост за потпишувањето на договорот за соработка помеѓу Католичкиот богословски факултет во Загреб и Православниот факултет во Скопје на 14 Октомври во зградата на богословскиот факултет во Скопје.

Потоа ги запозна присутните со историјата и животот на Католичката црква во Македонија која е организирана во две епархии Скопска (Западен обред) и Струмичко – скопска (Источен обред). Бискупот истакна дека со помош на Католичкиот богословски факултет во Сараево во ноември 2018 година е организиран Студентски ден посветен на Црквата во Македонија низ нејзината историја, и дека биле вклучени и професори од Православниот факултет во Скопје. Исто така го сподели своето искуство со соговорниците за големата радост на големиот настан доаѓањето на Светиот Отец папата Фрањо во Македонија, и ја нагласи добрата поврзаност и поддршка која ја даваат на Црквата во Македонија членовите на бискупските конференции на Босна и Херцеговина и Хрватска.

Деканот Цифрак ја искажа својата радост за повикот и учеството со своите соработници на Меѓународната конференција во Охрид на 11 октомври во организација на Православниот богословски факултет во Скопје на тема „Света Софија – Премудроста која си изгради дом“. Исто така го запозна бискупот Стојанов со работата и мисијата на Католичкиот богословски факултет во Загреб, и соговорниците ги допреа актуелните теми од животот на Црквата.

Во знак на благодарност за доаѓањето бискупот Стојанов им подари на професорите монографија од татковинската прослава „Денови на Света Мајка Тереза“ која е испечатена по канонизацијата и новиот број на списанието на заедницата на Хрвати во Македонија „Хрватска ријеч“.

18 октомври 2019, 07:55