Молитвата на Папата на крајот од Крстниот пат во Колосеумот
Во молитвата Папата ги наведе крстовите во светот: крстот кој го носат децата, старите, мигрантите, крстот на човештвото кое талка во темнината на несигурноста и во темнината на културата на минливоста, крстот на семејствата уништени од предавството, од заведувањето на злото или убиствената лекомисленост и себичност, крстот на Црквата која се мачи да ја донесе Христовата љубов дури и меѓу самите крстени и која постојано се чувствува нападната од внатре и од надвор и крстот на нашиот заеднички дом. Молитвата на Папата ја пренесуваме во целост.
„Господи Исусе, помогни ни да ги видиме во Твојот Крст сите крстови на светот: крстот на луѓето гладни за леб и љубов; крстот на осамените луѓе кои ги напуштиле дури и нивните сопствени деца и роднини; крстот на луѓето гладни за правда и мир; крстот на луѓето кои ја немаат утехата на верата; крстот на старите луѓе кои се влечат под товарот на годините и осаменоста; крстот на мигрантите кои наоѓаат затворена врата заради страв и срца оклопени во политички пресметки; крстот на малите, ранети во нивната невиност и чистота; крстот на човештвото кое талка во темнината на несигурноста и темнината на културата на минливото; крстот на семејствата уништени од предавството, од заведувањето на злото или убиствената лекомисленост и себичност; крстот на посветените лица кои неуморно се трудат да го донесат Твоето светло во светот, а се чувствуваат отфрлени, исмеани и понижени; крстот на посветените лица кои некаде патем ја загубиле својата прва љубов; крстот на твоите деца кои верувајќи во Тебе и обидувајќи се да живеат според Твоето Слово се наоѓаат маргинализирани и отфрлени дури и од членовите на своите семејства и своите врсници; крстот на нашите слабости, на нашето лицемерие, на нашите предавства, на нашите гревови и на нашите голем број прекршени ветувања; крстот на Твојата Црква која верна на Твоето Евангелие се мачи да ја донесе Твојата љубов дури и меѓу самите крстени; крстот на Црквата Твојата Свршеница која постојано се чувствува нападната од внатре и од надвор; крстот на нашиот заеднички дом кој сериозно овенува и исчезнува пред нашите очи, себични и заслепени од алчноста и моќта. Господи Исусе оживи ја во нас надежта на воскресението и Твојата конечна победа над секое зло и секоја смрт. Амин!“