Пребарување

Папата го предводеше Крстниот пат на римскиот Колосеум

На 19 април 2019 година на Велики петок Папата Фрањо учествуваше по седми пат во својот понтификат на Крстниот пат на римскиот Колосеум.

Текстовите за четиринаесетте постојки на Крстниот пат оваа година на покана на претседателот на Папскиот совет за култура, кардинал Џанфранко Раваси ги подготви с. Евгенија Бонети монахиња која целиот живот го посветила на борбата против трговијата со луѓе. Во фокусот на размислувањата на Крстниот пат беа страшните страдања и трпења низ кои поминуваат жртвите на трговијата со луѓе и проституција како и мигрантите на нивното макотрпно и погубно патување кон својата дестинација каде се надеваат на подобра иднина. Цитирани се зборови на Папата кои ги повторувал во повеќе наврати дека трговијата со луѓе е злосторство против човештвото за чие искоренување сите сме одговорни, секој според своите можности.
„Господи, дај ни срце полно со милосрдие,“ гласеше една молитва на Крстниот пат на Колосеумот.
Крстот го носеа претставници на Божјиот народ од различни земји во светот, а го придружуваа два фалела по еден од двете страни. На крајот од Крстниот пат на кој учествуваа илјадници верници од целиот свет, Папата упати молитва.
Господи Исус помогни да ги видиме во Твојот Крст сите крстови во светот: крстот на луѓето гладни за леб и љубов; крстот на осамените луѓе кои ги напуштиле дури и нивните сопствени деца и роднини; крстот на луѓето гладни за правда и мир; крстот на луѓе кои ја немаат утехата на верата; крстот на мигрантите на кои им се затвора вратата заради страв; крстот на малите, ранетите во нивната невиност и чистота; крстот на човештвото кое лута во темнината на несигурноста и во темнината на културата на минливото, молеше Папата.
Сестра Евгенија Бонети мисионерка од мисионерската дружба Пресвета Богородица од Утехата (Istituto Suore Missionarie della Consolata) и претседателка на здружението „Slaves no More“, заедно со своите сестри веќе долги години се посветува на помагање на жените жртви на трговијата со луѓе. Цели 24 години поминала во Кенија меѓу младите кои сонуваат за подобра иднина, а често стануваат жртви на бескруполозни поединци кои ги претвораат во модерно ропство. По враќањето во Италија започнува да работи во прифатилиште за мигранти. Во една прилика се сретнала со младата проститутка Марија и таа средба ѝ го променува животот и се одлучила да ги спасува девојките од улица, многумина од тие жртви ја сметаат за своја втора мајка и ја викаат „мамо“.
Трговијата со луѓе е сведување на другиот на роб; во жртвите на неоправдан начин се крши составните димензии на човечкото битие кое Бог го сакал и го создал, а тоасе слободата и достоинството. Заради тоа треба да се смета за злосторство против човештвото, предупреди Папата во своето обраќање до учесниците на Меѓунардната конференција за трговија со луѓе кои ги прими на 11 април оваа година.
 

20 април 2019, 16:26