На 31 мај Папата ќе ја посети Малта
Прифаќајќи ја поканата од Претседателот на Република Малта, властите и Католичката црква во таа земја, папата Фрањо ќе замине на Апостолско патување во Малта и Гозо на 31 мај оваа година. Програмата за патувањето ќе биде објавена дополнително – стои во соопштението.
На логото за посетата на Папата се прикажани две раце кои излегуваат од кораб во морето, подигнати кон крстот. Рацете претставуват знак за прифаќање на ближниот и помош на оние кои се во проблеми, препуштени на судбината. Коработ потсетува на драматичниот настан за бродоломот на апостол Павле крај островот Малта (сп. Дела 27,27-44) и гостопримството на Малтежаните кои го дадоа на апостолот и придружниците (сп. Дела 28,1-10), настан за кој неодамна зборуваше и папата Фрањо за време на една од Генералните аудиенции во среда. Мото на Апостолската посета гласи: Ни укажаа необична човекољубивост (Дела 28,2).
Пред папата Фрањо Малта ја посети свети Иван Павле II од 25-27 мај 1990 година и папата Бенедикт XVI на 17 и 18 април 2010 година.