Да го молиме Господ за свесност за припадноста кон народот
Папата Фрањо на 7 мај 2020 година на литургијата во Домот Света Марта повторно посебно се молеше за уметниците. Вчера добив писмо од една група уметници; се заблагодарија за молитвата која што ја кажавме за нив. Сакам да го молам Господ да ги благослови, затоа што уметниците ни помагаат да разбереме што е убавина, а без убавото, евангелието не може да се разбере. Да молиме уште еднаш за уметниците – охрабри Папата.
Во проповедта се осврна на првото читање од денешната литургија, земено од Делата на светите апостоли (Дела 13, 13-25), кое зборува за Павле, кој пристигнува во Антиохија Писидиска, објаснувајќи ја во синагогата историјата на израелскиот народ, навестувајќи дека Исус е очекуваниот Спасител. Кога Павле го толкува новото учење за навестувањето на Исус – рече Папата – тој зборува за историјата на спасението. Што стои зад Исус? – праша Папата. Овде е историјата на милоста, историја на избирање и историја на ветување.
Господ го избра Авраам и одеше со својот народ. Затоа, кога од Павле се бара да ја објасни причината за верување во Исус Христос, тој не започнува од Исус Христос, туку од историјата. Христијанството е учење, но не е само тоа – забележа Папата. Тоа не се само работи во кои веруваме, туку тоа е историја која носи учење кое е Божјо ветување, Божји завет, Божји избор. Христијанството не е само етика; има и морални принципи, но ние не сме христијани само со етички видувања. Христијанството е повеќе од тоа.
Христијанството не е елита на луѓе избрани поради вистината. Таа елитистичка смисла се провлекува во црквата кога се вели: Јас сум онаа инстутуција, јас припаѓам на движењето кое е подобро од твоето… – рече Папата и истакна дека тоа не е христијанство. Христијанството е припаѓање на народот кој Бог бесплатно го избра.
Затоа Павле толкувањето за Исус го започнува од припадноста на народот – напомена Папата и истакна: Често паѓаме во таква пристрасност, без оглед дали се догматски, морални или елитистички. Треба да ја пренесуваме историјата на нашето спасение, споменот на луѓето, свеста дека сме народ, a во таа историја на Божјиот народ, сè до Исус Христос, имаше многу светци, грешници и многу едноставни, добри луѓе со доблести и гревови.
Најопасното пребегнување на христијаните, денес и секогаш, е без сомнение недостаток на сеќавања за припадноста на народот – истакна Папата. Кога тоа недостасува доаѓа до догматизам морализам, етицизам, до елитни движења. Недостасува народ. Народ кој е грешен, сите сме грешни, но кој сепак ќе сфати дека е избраниот народ кој оди зад ветувањата, и кој воспостави сојуз – истакна Папата. На крајот ги охрабри верниците да молат од Господ за таа свест на народот; ние сме свет верен Божји народ кој има чувство на вера и непогрешлив е во тоа верување – рече Папата Фрањо.