10856.jpg

Епископот Стојанов служеше Света Архиерејска Литургија во Струмица

Епископот Стојанов служеше Света Архиерејска Литургија по повод патрониот празник на парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица

На 7 јули 2021 година, по повод патрониот празник на парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов служеше Света Архиерејска Литургија во сослужение со парохот и директор на Радио Марија о. Гоце Костов, протоереј ставрофор о. д-р Зоран Стојанов, парох и декан, протоереј стафрофор о. Георги Трајков, катедрален парох, протоереј ставрофор о. Марјан Ристов, канцелар, парохискиот викар о. Атанас Сирачев и останатите свештеници од Струмичко-скопската епархија. На Светата Литургија присуствува сестрите Евхаристинки и голем број верници од повеќе парохии.

Во својата проповед Неговото Преосвештенство зборувајќи за празникот рече: Ако било кој празник на некој светител заслужува да биде празник на семејниот живот, тогаш тоа е овој празник, бидејќи свети Иван е единствениот светец чијшто земски роденден го слави Црквата, додека во сите други случаи го слави денот на смртта како роденден за небо. Она што го прави Црквата е исто така сосема логично, бидејќи никој од нас не е заслужен затоа што се родил, никој од нас не е роден затоа што тоа самиот го посакал. Затоа денес го славиме празникот на раѓањето на свети Иван, но во суштина ова е празник на верата на Захарија и Елисавета што го донесоа на свет. И не само тоа: ова е празник на нивната благодарност до семоќниот Бог, Создател и Отец, Бог на животот. Исто така, ова е празник на милостивиот Бог кој дава живот и кој ги благословува луѓето со живот, кој го упатува својот повик на отвореност кон животот, свеста дека животот е дар на кој човекот не треба да му создава пречки. Прашањето: „Што ли ќе стане од тоа дете“, да не биде болно и грчевито прашање, туку прашање кое ќе биде отворено за Божјите достигнувања, за да може одговорот да биде: Ќе биде светец Божји, претходник и сведок на Христос Господ во денешниот свет – истакна епископот Стојанов.

Радио Марија емитуваше директен пренос од Светата Архиерејска Литургија, а на крајот од свеченоста во дворот на црквата следуваше агапе организирано од црковниот одбор и верниците.

08 јули 2021, 10:40