Пребарување

Vatican News
Деца под крст Деца под крст 

„World Watch List 2020“: Секој осми христијанин е прогонет

Прогонети се околу 260 милиони христијани во 73 земји во светот. Посебно е критична состојбата во Северна Кореја и Сахел. Христијанските заедници во Ирак и Сирија се сè помалку. Во пад е бројот на убиствата.

Денес 260 милиони христијани, односно секој осми христијанин во светот е прогонет заради својата вера – стои во извештајот „World Watch List 2020“ кој организацијата „Отворени врати“ го презентираше на 15 јануари 2020 година во италијанскиот парламент.

Се зголеми бројот на прогонетите христијани

Во спомнатиот извештај се анализираат податоци во периодот од 1 ноември 2018 година до 31 октомври минатата година, а се однесуваат на околу стотина земји во светот, со посебен акцент на 73 земји во кои христијаните најмногу се прогонувани. Во споредба со претходната година, бројот на христијаните кои се прогонети е на „високо“, „многу високо“ и „екстремно“ ниво според мерилата на спомната организација се зголеми за 15 милиони.

Зголемен притисокот врз христијанските заедници

Се намали бројот на убиствата, но тој обично варира од година во година – изјави Кристијан Нани, директор на италијанскиот огранок на организацијата „Отворени врати“ и истакна дека врз основа на различни параметри, како што се дискриминацијата, насилството над христијаните, скратување на вработување, здравствена заштита и лекување, како и законите против христијаните или против преобраќањето на христијанството, е забележано дека во голем број земји е зголемен притисокот врз христијанските заедници. Напомена исто така дека во најмалку 73 земји во светот христијаните поминуваат низ „високо“ ниво на прогон.

Северна Кореја на прво место

Речиси 10.000 цркви во светот се затворени или нападнати. Од 11 земји во кои прогонот на христијаните е на екстремно ниво, Северна Кореја веќе осумнаесетта година по ред се наоѓа на првото место. Според податоците на организацијата „Отворени врати, во работните логори во таа земја заради верата се затворени помеѓу 50 и 70 илјади христијани.

На скалата потоа следуваат државите кои со години се наоѓаат во војна и кои имаат многу изразена исламска фундаменталистичка компонента, како Авганистан, Сомалија и Либија, додека во Пакистан кој се наоѓа на петтото место, по пуштањето на слобода на Асија Биби и понатаму останува на сила законот против бласфемија.

Критична е состојбата и во Латинска Америка, каде на пример во Колумбија и Мексико е загрозен животот на свештениците и верниците кои се соочуваат со проблемот на организираниот криминал.

Тешка состојбата во Сахел

Буркина Фасо и Камерун прв пат се наоѓаат помеѓу 50 земји во кои е најизразен прогонот на христијаните, што упатува на тешката ситуација на подрачјето на Сахел, каде делуваат најмалку 27 џихадистички групи. На северот на Буркина Фасо, каде – како што истакна Кристијан Нани, постои желба за отстранување на христијанското присуство се затворени повеќе од 200 цркви. Притоа објасни дека христијанските семејства се изложени на закани со смрт, со претходен тридневен ултиматум да го напуштат тоа подрачје.

Сè помалку христијани на Блискиот исток

На Блискиот Исток прогонот на христијаните трае со години. Во Ирак пред 2003 година имаше 1,5 милиони христијани, додека денес има околу 200.000. Враќањето во Нинивиската долина е отежнато заради небезбедноста. Во Сирија која е во војна веќе девет години, бројот на христијаните падна од над 2 милиони на 744.000.

Освен тоа, во светот се забележани повеќе од 8.000 случаи на злоупотреба на жени врз основа на верска дискриминација. Директорот на италијанскиот огранок на организацијата „Отворени врати“ коментираше дека тоа е само врвот на сантата лед затоа што не се во можност да ги следат појавите поврзани со тоа, како што се на пример присилните бракови.

17 јануари 2020, 11:34