Филм за Света Фаустина Филм за Света Фаустина 

Нов филм за света Фаустина Ковалска

Во Ватикан е прикажана нова документарна драма за животот на света Фаустина, наречена „Љубов и милосрдие“. Филмот пренесува приказ од животот на славната светица, но и на оние кои биле вклучени во сочувувањето на сликата на Божјото милосрдие, како што е блажен отец Михаел Сопоцко, пишува „Rome Reports“.

Режисерот на филмот смета дека е многу симболично што филмот во Ватикан е прикажан на денот кога пред 60 години е забрането почитувањето на Божјото милосрдие и на сите бискупии им е наредено од сакралните простори да ја отстранат сликата на Божјото милосрдие.

„Убаво е што можеме на истото место да го прикажеме филмот за света Фаустина. Понекогаш е потребно време за нешто да се потврди. Токму тоа бил случајот со откритијата на света Фаустина“, изјави режисерот на филмот.

Филмот открива и непознати факти, како што се неодамна објавените писма на отец Михаел Сопоцко, кои ги испраќал во Ватикан. Документарната драма донесува и нова научна анализа за компатибилноста на Христовото лице на сликата на Божјото милосрдие и она на Торинското платно. „Сестра Фаустина од Исус примила директно откритие за најголемата и најрадосната порака на Евангелието: Она за Божјото милосрдие“, тврди кардиналот на Палермо Салваторе Де Џорџио.

Актерката од Полска Камила Каминска која во филмот го овоплотува ликот на света Фаустина вели дека била најмногу импресионирана од нејзината истрајност и послушноста на Божјиот повик во навестувањето на Неговото милосрдие.

Филмската екипа се надева дека ова документарна драма ќе поттикне на почитување на Божјото милосрдие во целиот свет. Инаку одлуката за забрана за почитувањето на Божјото милосрдие е укината за време на свети Иван Павле II. Светиот Папа ја канонизираше Фаустина Ковалска и го прогласи празникот на Божјото милосрдие кој Црквата го слави на првата недела по Велигден. Овој филм ќе биде прикажан во целиот свет, а посебна проекција имаше на Светскиот ден на млади во Панама.

09 март 2019, 11:49