Пребарување

Состанок на заедничката работна група помеѓу Виетнам и Светиот Престол Состанок на заедничката работна група помеѓу Виетнам и Светиот Престол 

Напредува дијалогот помеѓу Светиот Престол и Виетнам

Заврши состанокот на заедничката работна група помеѓу Виетнам и Светиот Престол, што се одржа во Ватикан од 21 до 22 август.

Состанокот го предводеа монсињор Антоан Камилери, заменик секретар за односи со државите и предводник на Делегацијата на Светиот Престол и Тон Ан Донг, заменик министер за надворешни работи на Виетнам. Страните, разменија длабоки размислувања за односите меѓу Виетнам и Светиот Престол, вклучувајќи ги и прашањата поврзани со Католичката црква во Виетнам. Двете делегации со задоволство ги истакнаа позитивните движења во билатералните односи во последните години - стои во соопштението од ватиканскиот прес центар.

Виетнам и верската слобода

Виетнамската делегација потврди дека виетнамската држава постојано ја подобрува политика за почитување и гарантирање на слободата на верата и религијата, со што се создаваат поволни услови за активности и развој на католичката заедница во Виетнам. Светиот Престол изрази благодарност за помошта што ја дава државата кон Католичка црква и ја повтори желбата верниците да го живеат своето звање како добри католици и добри граѓани со цел ефикасно да придонесат во развојот и просперитетот на Виетнам.

Состојбата на црквата во Виетнам

Двете делегации разговараа и за прашања поврзани со црковната состојба во Виетнам. Тие се согласија за начините на понатамошното унапредување на односите меѓу Виетнам и Светиот Престол во блиска иднина, а особено за регулирање на статусот на папскиот претставник и неговата канцеларија, со цел да се отвори канцеларијата што е можно побрзо.

Средба со папата Фрањо

Двете страни, исто така, изразија подготвеност да го продолжат дијалогот заснован на доверба и почитување на взаемно договорените принципи што ги регулираат билатералните односи. Тие ја истакнаа важноста за поттикнување на понатамошни контакти, вклучително и контакти на високо ниво. По повод посетата на Ватикан, виетнамската делегација беше примена во аудиенција од папата Фрањо и беше примена и од државниот секретар, кардиналот Пиетро Паролин и со државниот секретар за односи, надбискупот Пол Ричард Галагер. Овие состаноци – стои во соопштението - се одржаа во срдечна атмосфера на добра волја и меѓусебно почитување.

24 август 2019, 14:33