Светиот Престол: Смртта на Ламберт е пораз за човештвото
„Со тага ја примивме веста за смртта на Винцент Ламберт. Го молиме Господ да го прими во својот дом и изразуваме близина со неговите сакани и сите оние кои сѐ до крајот му помагаа со љубов и преданост. Потсетуваме и повторно потсетуваме на зборовите од Светиот Отец за овој болен настан: „Бог е единствен Господар на животот од зачнување, па до неговиот природен крај и должност ни е секогаш да го штитиме и да не подлегнуваме на културата на отфрлање“ – стои во изјавата на привремениот директор на Канцеларијата за печат при Светиот Престол.
Винцент Ламберт, 42 годишен француски квадриплегичар, кој повеќе од десет години е во вегетативна состојба, умре во четврток 11 јули, откако претходно девет дена беше оставен без вода и храна, кои лекарите му ги прекинаа по налог на францускиот суд. Ламберт претрпе сериозни повреди во сообраќајна несреќа во 2008 година и останал неподвижен.
Папската академија за живот во Твитер порака по повод оваа тажна вест напиша дека смртта на Ламберт е „пораз за човештвото“.