Пребарување

Амазонија Амазонија 

Синода за Амазонија. Во Ватикан состанок на Предсинодскиот совет

Се приближува синодата за Амазонија, која ќе се одржи од 6 до 27 октомври 2019 година. Во Ватикан заврши дводневниот состанок на Предсинодскиот совет, на кој е донесен документ „Instrumentum laboris“, односно упатства за работа на синодата.

„Амазонија – нови патишта за Црквата и целосна екологија“ е темата на посебното собрание на Епископската синода за панамазонското подрачје, која ќе се одржи од 6 до 27 октомври оваа година. Во склоп на подготовките за Синодата, втор пат, по состанокот во април минатата година, се сретна Предсинодскиот совет за изработка на документ „Instrumentum laboris“, односно упатства за работа на синодата. Спомнатиот совет брои вкупно 19 члена, кој го координира бразилскиот кардинал Клаудио Хумес, главен говорник на Синодата и претседател на Панамазонската црковна мрежа.

Пред одржување на Синодата, документот „Instrumentum laboris“ ќе биде испратен до сите епископи од панамазонското подрачје на понатамошна проверка. Околу стотина од нив ќе учествуваат на Синодата заедно со бискупите од други делови на светот, кој ќе го претставуваат Епископскиот колегиум на Католичката црква. Епископската синода за Амазонија е најавена пред две години, а веднаш по најавата е започнато со советување со бискупите од тоа подрачје, како и со слушање на барањата на разни автохтони народи кои живеат таму.

Како што објасни папата Фрањо при најавата на Синодата во октомври 2017 година, главна цел на тоа посебно собрание е да пронајде нови начини за евангелизација на Божјиот народ на панамазонското подрачје, посебно на автохтоните народи кои често се заборавени и без изглед за мирна иднина, меѓу останатото и поради кризата со која се соочува Амазонската прашума, белите дробови на нашата планета. Панамазонија се наоѓа на територијата на девет земји: Боливија, Бразил, Колумбија, Еквадор, Перу, Венецуела, Суринам, Гвајана и Француска Гвајана; но нејзината иднина е важна за целата наша планета. Тоа подрачје треба да се сочува од злоупотреба и економски интереси, кои не ја штедат природата. Исто така е важна и грижата за луѓето на тоа подрачје, ги има околу 34 милиони, а се изложени на бројни ризици.

21 мај 2019, 11:06