Cerca

Vatican News
Кардинал Крајевски со деца во потреба Кардинал Крајевски со деца во потреба  

Кардинал Крајевски: Ако е потребно ќе платам и казна

Кардинал Крајевски интервенираше во една зграда каде што беше исклучена струјата. Станува збор за скоро петстотини лица препуштени самите на себе

Откако Папскиот делител на милостина, кардинал Конрад Крајевски се вратил од грчкиот остров Лезбос, каде им однесе помош на мигрантите, бил известен за тешката ситуација во една зграда во Рим, во која престојуваат повеќе од 400 лица, меѓу кои и многу деца. Објектот со денови бил без струја и топла вода. Компанијата која ја снабдува зградата со струја, поради неплатени сметки ја прекинува испораката на електрична енергија. Кардиналот се почувствувал обврзан да направи хуманитарен гест, затоа лично во зградата го активирал снабдувањето со струја. Тој чин го направил при полна свест за можните последици, со уверување дека тоа сепак мора да го направи заради доброто на тие семејства.

Лично посредував за да се приклучи струјата – изјавил кардинал Крајевски за новинската агенција АНСА и истакнал: Тоа беше очајнички гест. Таму престојуваат повеќе од 400 лица без струја, со семејства, деца, без можност да се користи ладилник. Подолго време знаев за проблемите на луѓето кои живеат во таа зграда. Од Ватикан испраќавме итна помош, лекари и храна. Зборуваме за човечки животи.

Тоа е страшна работа, затоа што сме во срцето на Рим – рече Папскиот делител на милостина и напомена: Станува збор за скоро 500 лица препуштени сами на себе. Тоа се семејства кои немаат каде да одат, луѓе кои се борат за опстанок. Првиот проблем не се парите. Потребно е да се постави прашањето, зошто тие луѓе се таму, од која причина? Како е возможно семејства да се наоѓаат во таква ситуација? На крајот изјавил дека ја презема целата одговорност и истакна: Ако е потребно ќе платам и казна.

18 мај 2019, 10:31