Папата ги повика христијаните заедно да сведочат за Евангелието
Во телеграмата испратена од државниот секретар кардиналот Пјетро Паролин во име на Папата до учесниците на Синодата на Унијата на методистичката и валдензанската црква, што се одржува оваа недела недалеку од Торино, папата Фрањо ги повика своите сохристијани на заедничко сведочење на Евангелието.
Во телеграмата ги поздравува членовите на Синодата и изрази надеж дека средбата ќе биде можност сите членови длабоко да го искусат Христос кој прифаќа и води кон полно заедништво со Господ и неговите браќа.
Папата Фрањо му се заблагодари на Бога Отецот за даровите постигнати преку екуменскиот дијалог, како и за хармоничната соработка меѓу христијанските деноминации. Напомена и дека сака духовно да се обединиме по повод овој значаен настан, за да можеме сите да растеме во меѓусебното познавање и сведочењето на Исусовото евангелие.
На крајот тој упати најубави желби за работата на Синодалното собрание и молеше за благослов од Господа.
Унијата на методистичката и валдензанската црква е италијанска обединета црква основана во 1975 година, која ги обединува Валдензанската евангелистичка црква и Евангелско-методистичката црква во Италија. Унијата има околу 50.000 членови, од кои 45.000 се Валдензи, најмногу во Италија, но ги има и во Аргентина и Уругвај. Методисти има околу 5.000.