Папата до Кларетинките: Продолжете да сведочите за преобилната Божја љубов
Светиот Отец на присутните монахињи им кажа дека нивниот пат го потсетува на патувањето до Емаус - каде двајца ученици одат заедно и се среќаваат со ходочасник кого го повикуваат на вечера. Кога ќе откријат дека тој ходочасник е воскреснатиот Исус, ги обзема радост и не можат да си помогнат - одат да сведочат.
„Во настанот за Емаус можеме да ги препознаеме главните елементи на синодалниот процес кој го поминуваме во Црквата: средба, учество, дијалог, заедништво, послание“, рече Папата.
Тоа е она што сакаат и монахињите да го живеат покрај „посебноста на нивната харизма, придружувајќи се на патот на општата Црква“, посочи Папата.
Поаѓајќи од името на дружбата – Монахињи на Марија Безгрешна, мисионерки Кларетинки - Папата ги истакна трите аспекти кои го карактеризираат нивниот повик: маријански, мисионерски и кларетински.
„Вие сте маријански“, рече Светиот Отец, „Безгрешното Срце на Марија ве следи, ве упатува на Пресветото Срце на нејзиниот Син и ви вели: „Што и да ви каже, направете!“ (Иван 2, 5)“. Понатаму, вие се мисионерки, ја носите Исусовата порака каде и да бидете испратени, - како што рече - „со довербата и нежноста на Марија, воплотувајќи ги Господовите зборови и гестови, за да биде присутно во светот неговото Царство на љубовта“. Имаат и кларетинска карактеристика, затоа што се ќерки на свети Антон Марија Кларет. Нивниот основач се застапува за нив и е пример на кој секогаш можат да се угледаат за да научат да негуваат однос мајка-дете со Марија, страст за евангелизација и мисионерска храброст - рече Папата.
„Драги сестри, ве повикувам постојано да ги продлабочувате корените на вашата харизма во овие три карактеристики што ве идентификуваат; тоа е наследството што го примивте и сте повикани да им го пренесете на оние околу вас, „заразувајќи ги“ со радоста на Евангелието. Не плашете се да ги преминете географските, па дури и егзистенцијалните граници, како што тоа го правеше отец Кларет, за да ја запознаат сите изобилната љубов на Божјото Срце“, заврши со своето обраќање папата Фрањо.