Пребарување

2023.05.28 Regina Caeli

Царице небесна: Духот нè ослободува од стравовите и ги отвора вратите

На празникот Педесетница, 28 мај 2023 година, папата Фрањо ги повика христијаните да ги изгонат стравовите и повторно да го разгорат пламенот на Божјата љубов.

„Денес, на празникот Педесетница, Евангелието не носи во горната одаја каде што апостолите се засолниле по смртта на Исус“, рече папата Фрањо, поздравувајќи ги ходочасниците и верниците на плоштадот Свети Петар. Тој се присети како вечерта на Пасха Воскреснатиот се појавил пред учениците, опфатени од страв и тага. Исус дувна и им рече: „Примете Дух Свети!“

Дарот на Духот

Со дарот на Духот, објасни Светиот Отец, Исус сакал да ги ослободи учениците од стравот за да можат „да излезат и да станат сведоци и навестители на Евангелието“.

Осврнувајќи се на читањето од Евангелието според Иван, тој објасни дека учениците ги затвориле вратите „од страв“. Смртта на Исус ги скрши, нивните соништа беа скршени, нивните надежи исчезнаа. Така, продолжи Папата, „тие беа затворени внатре“.

„Колку често се затвораме и ние во себе?“, праша Светиот Отец, поради некоја тешка ситуација или личен проблем, или поради некое „страдањето што нè обележува или злото што го дишеме околу нас“, ризикуваме да паднеме во безнадежност и да немаме храброста да продолжиме.

„Како апостолите и ние се затвораме, се забарикадираме во лавиринтот на грижите“, рече Папата.

Стравот ги затвора вратите на срцето

Ова „затворање“ се случува кога во најтешките ситуации ќе дозволиме стравот да завладее. Како одговор, „вратите на срцето се затвораат, како кога ќе се вклучи алармот во зграда“, рече Папата. Причината е стравот: стравот од неуспех, да не останеме сами во секојдневните битки, од преземањето ризици, а потоа разочарување, од правење погрешни избори. Стравот блокира, парализира и изолира:

Да размислиме за стравот од другиот, од оние што се странци, од оние што се различни, од оние што мислат поинаку. И може да има дури и страв од Бога: дека ќе ме казни, дека ми се лути... Ако им дадеме место на овие лажни стравови, вратите се затворени: оние на срцето, на општеството, а исто така и вратите на Црквата! Каде што има страв, таму има затвореност. И тоа не е добро.

Лекот на Воскреснатиот

Но, Евангелието ни го нуди лекот на Воскреснатиот: Светиот Дух, истакна Папата. Тој ослободува од затворите на стравот. Кога ќе го примат Духот - што го славиме денес - апостолите ја напуштаат горната одаја и одат во светот да простуваат гревови и да ја навестуваат Радосната вест.

Благодарение на Него, стравовите се надвладуваат и вратите се отвораат. Затоа што тоа го прави Духот: прави да ја почувствуваме Божјата близина, и така Неговата љубов го истерува стравот, го осветлува патот, утешува, поддржува во неволја.

Да ги истераме стравовите што не напаѓаат

Папата го цитираше својот претходник Бенедикт XVI, кој рече дека „каде и да влегува Божјиот Дух, тој го исфрла стравот; прави да знаеме и да чувствуваме дека сме во рацете на семоќната љубовта, Неговата бескрајна љубов не нè напушта.“ Папата Фрањо заврши со повик до присутните да го повикаат Светиот Дух „за нас, за Црквата и за целиот свет:

Новата Педесетница нека ги изгони стравовите што нè напаѓаат и повторно нека го разгори огнот на Божјата љубов. За нас нека се застапува Пресвета Богородица, која прва се исполни со Светиот Дух.

 

29 мај 2023, 09:52

Што е Царице небесна?

Антифонот Царице небеска (Regina Caeli) е еден од четирите маријански антифони (другите се Alma Redemptoris Mater, Ave Regina Coelorum и Salve Regina).

Папата Бенедикт XIV, во 1742 година, ја пропиша офаа молитва да се моли наместо Ангел Господов, како знак за победа над смртта, за време на Воскресното време, односно од неделата на Воскресение до денот на Педесетницата.

Како и Ангел Господов, и оваа молитва се моли трипати на ден: наутро, напладне и на зајдисонце, и на тој начин денот го посветуваме на Бог и на Марија.

Овој многу стар антифон датира, според една побожна традиција, од VI или X век, додека нејзиното распространување е документирано во XIII век, кога станува дел од Фрањевскиот часослов. Молитвата се состои од четири кратки стихови од кои секој завршува со Алилуја, и истата претставува молитва што верниците ја упатуваат до Марија, небесната Царица, и така заедно со неа се радуваме за Воскресението.

Папата Фрањо, на 6 април 2015 година, токму за време на молитвата Царице небесна на вториот ден од Велигден, даде совет за тоа каква треба да биде состојбата на срцето кога се моли оваа молитва:

„ ...Се обраќаме кон Марија поканувајќи ја да се зарадува, бидејќи Оној што го носеше во утробата воскресна како што вети и така се доверуваме на нејзиното застапништво. Всушност, нашата радост претставува еден отсјај на радоста на Марија, бидејќи Таа е онаа што ги зачувала и ги чува со вера настаните на Исус. Значи, ја молиме оваа молитва со чувство на деца кои се среќни, бидејќи нивната Мајка е среќна“.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >