Папата во аудиенција ја прими претседателката на италијанската влада
Папата ја прими Мелони во Апостолската палата, по што се сретна со државниот секретар на Светиот Престол, Пиетро Паролин и со секретарот за односи со држави и меѓународни организации во Државниот секретаријат, монс. Пол Ричард Галагер.
За време на срдечниот разговор, двете страни ги истакнаа добрите билатерални односи, а се осврнаа и на прашањата кои го засегаат италијанското општество, посебно за тешкотиите поврзани со сиромаштвото, семејството, демографската состојба и образованието на младите.
Во продолжението на разговорот, разговараа за прашања на меѓународни теми со посебен осврт на Европа, конфликтот во Украина и миграцијата, се вели во соопштението за медиумите.
Според фотографиите, на размената на подароци меѓу папата Фрањо и Мелони присуствувале и нејзината ќерка Гиневра и нејзиниот партнер Андреа Џамбруно.
Потсетуваме, Џорџија Мелони победи на изборите на 25 септември минатата година, а во еден нејзин говор од 2019 година таа се дефинираше како жена, мајка, Италијанка и христијанка.