Пребарување

BENEDETTO XVI PHOTOGALLERY

Духовниот тестамент на почесниот папа Бенедикт XVI.

Текстот на духовниот тестамент, кој Јозеф Рацингер го напиша на 29 август 2006 година, го пренесуваме во целост.

29 август 2006 година

Мојот духовен тестамент

Кога, во овој доцен час од мојот живот, ќе погледнам наназад на децениите низ кои поминав, првото нешто што го гледам е колку морам да бидам благодарен. Најпрво, му благодарам на самиот Бог, давателот на сите добри дарови, кој ми даде живот и ме водеше низ многу забуни; секогаш од ново ме подигаше кога ќе започнав да паѓам, секогаш од ново ме благословуваше со светлината на Неговото лице. Гледајќи наназад, гледам и разбирам дека дури и мрачните и тешки делови од овој пат беа добри за мене и дека Тој добро ме водеше по него.

Им благодарам на моите родители кои ми дадоа живот во тешки времиња и со големи жртви ми дадоа прекрасен дом со нивната љубов која сјае со силна светлина низ сите мои денови до денес. Проникливата вера на мојот татко нѐ научи нас браќата и сестрите да веруваме и беше како патоказ среде сите мои научни спознавања. Искрената побожност и големата добрина на мајка ми остануваат наследство за кое не можам доволно да се заблагодарам. Мојата побожна сестра ми служеше несебично и со љубезна грижа со децении; брат ми секогаш одново ми го отвораше патот со јасновидноста на неговите судови, неговата силна одлучност и ведроста на срцето; без тој секогаш нов чекор напред и дружење немаше да можам да го најдам вистинскиот пат.

Му благодарам на Бога од сѐ срце за многуте пријатели, мажи и жени, кои секогаш ги ставаше покрај мене; за соработници на сите станици на моето патување; за учителите и учениците што ми ги даде. Сите вас ве доверувам на Неговата добрина. Исто така, сакам да му се заблагодарам на Господа за прекрасната татковина во баварските Подалпи, каде секогаш одново ми беше дозволено да го видам просејувањето на сјајот на самиот Создател. Им благодарам на луѓето од мојата татковина што со нив секогаш одново можев да ја доживувам убавината на верата. Се молам нашата земја да остане земја на верата и ве молам, драги сонародници: не дозволувајте да се одвратите од верата. На крајот, му благодарам на Бога за сите убави нешта што ми беше дозволено да ги доживеам на различни станици од моето патување, посебно во Рим и Италија, кои станаа моја втора татковина.

Од срце барам прошка од сите кои на било кој начин сум ги повредил.

Она што порано го кажав за моите сонародници, сега им го велам и на сите кои беа доверни на мојата служба во Црквата: стојте цврсто во верата! Не дозволувајте да се збуните! Често изгледа дека науката - од една страна природните науки, од друга страна историското истражување (особено егзегезата на Светото Писмо) - има непобитни сознанија кои се спротивставуваат на католичката вера. Оддалеку сум сведок на промените во природните науки и можев да видам како очигледните извесности против верата се растопуваат покажувајќи се не како наука, туку како мудри толкувања кои само изгледаат дека и припаѓаат на науката - исто како и верата, се разбира, во дијалог со природните науки, научи подобро да се сфати границата на опсегот на своите изрази, а со тоа и својата суштина.

Веќе шеесет години го следам патот на теологијата, посебно библиските науки и со промената на генерациите видов пропаѓање на тези кои изгледаа непоколебливи, а се покажаа како чисти хипотези: либералната генерација (Харнак, Јулихер и други), егзистенцијалистичката генерација (Бултман и други), марксистичката генерација. Гледав и продолжувам да гледам како од сплет на хипотези произлегува и повторно произлегува разумот на верата. Исус Христос е навистина патот, вистината и животот - а Црквата, со сите нејзини недостатоци, е навистина Неговото тело.

На крајот понизно молам: молете се за мене Господ и покрај сите мои гревови и недостатоци да ме прими во вечните дворови. За сите кои ми се доверени, ден за ден ја упатувам од срце мојата молитва.

Бенедикт XVI.

03 јануари 2023, 10:02